Најголемиот гитарист на нашите простори и секако еден од најдобрите во Европа, но и многу пошироко, Влатко Стефановски, овој вторник, на 7-ми декември, настапи со своето трио во концертната сала „Ватрослав Лисински“. На изненадување на публиката, триото набрзо стана квартет, а следеше уште поголемо изненадување кога на сцената ненајавено се појави Раде Шербеџија.
Концертот почна „приспивно“, но во смисла дека Влатко, неговиот син Јан на тапани и Иван Кукиќ на бас, го отворија со „Успаванка за Радмилу М.“. Бројната публика потоа го доби „Влатково оро“ која го најави доаѓањето на Дамир Имери за клавијатури и Хамонд оргули. Ваква формација не паметиме од „Леб и сол“, а тоа беше вистинска можност да чуеме некои песни во различни аранжмани или некои кои бараат звук на клавијатури или оргули. Следеа „Сеир“, „Кандилче“, „Верба, надеж, Љубов“, „Џипси сонг, „Не си го продавај Кољо чифликот“, но и забрзувањето на темпото, од 7/8, на 11/8 со „Калајџиско оро“, до 13/8 со „Пелистерско оро“. Публиката буквално беше доведена до целосна екстаза, за што придонесе виртуозноста на некои членови на бендот, главно Влатко, но и неговиот син Јан.

Раде Шербеџија пред да ја изведе песната „Елено ќерко“ упати важна порака до публиката, потпирајќи се на четиридецениското пријателство со Влатко и потсети на концертот „Леб и сол“ во Спортската сала во Загреб. „Искреното пријателство е најважно од се“, рече Раде и доби голем аплауз од публиката, а потоа со квартетот на Влатко ја изведе оваа, една од најпознатите и најубавите македонски народни песни. Тоа беше повод и за посебна церемонија. Претседателот на хрватското дискографско друштво, Желимир Бабогредац, на Влатко му ја врачи највисоката дискографска награда – Мултиплатинумска награда за извонредни рекордни достигнувања.

Иако концертот беше најавен како unplugged, Влатко рече дека хибридот е некако најдобар во се, па посегна по својата сега препознатлива безглава електрична гитара што му ја направи Мирослав Тадиќ и ја започна електричната сет-листа на песни. Тие ги изведоа пред се песните од актуелниот албум „Taftalidze Shuffle“, покрај насловната, „Mirror“ и „Funky Junkie“, а потоа не вратија во времето на една од најдобрите групи на нашиот простор на сите времиња, „Леб и сол“ со „Нисам твој“, „Ја чувам ноќта од будните “, „Мамурни луѓе“, „Како какао“, „Чукни во дрво“, „Бистра вода“ беа повеќе од доволни. Иако Влатко често посочува дека по „Бистра вода“ нема смисла да се изведе било што, на повик на публиката која го награди триото или квартетот со овации, екипата се врати на сцената и после долги години публиката имаше можност да ја слушне „Абер дојде Донке“ во полн капацитет. Со оглед на тоа дека ова беше музичка и македонска вечер, најдобар можен крај е песната „Скопје“, поради што дел од публиката стана од столчињата и заигра и пееше.

Врвната музичка изведба траеше два и пол часа под диригентство на Влатко Стефановски, а прашање на време е кога маестро ќе се врати во Загреб со својот музички состав.
Фото: Samir Cerić Kovačević
