Пејачката Александра Јанева ја промовираше својата нова песна „Глумиме“, за која вели дека ја напишала во еден здив. Имено таа била испровоцирана од обожавател, кој на социјалните мрежи се дрзнал и напишал навредлива порака. Пејачката сега заедно со композиторот Лазар Цветкоски создадоа музичко дело инспирирано од овој неубав настан.
Секој пејач кој често настапува во живо знае дека очите на публиката се постојано вперени во него и секој негов чекор буди најразлични чувства и поделени коментари кај нив. Инспирацијата за „Глумиме“ дојде после една необична порака која ја добив во инбокс, од лажен профил. Се насмеав на пораката и првото нешто што ми дојде на памет беше колку им е забавно на поединци да ѕиркаат во туѓи животи. И така почнав да си реплицирам, со рефрен за нова песна. Инаку за неколку дена и јавно сакам да ја објавам пораката која ја добив, сметам дека мојата публика треба да го види тоа, вели Александра.
Јанева вели дека со стиховите од рефренот „Сите можеме да глумиме и туѓи животи да судиме, но каков живот имаш ти, кажи ми?“ се појавила пред студиото на Лазар Цветкоски и двајцата песната ја создале за кратко време. Таа и за оваа песна соработува со режисерот Ѓорѓи Вацев, а покрај неа, во спотот се појавува и моделот Илија Андов. За нивниот стајлинг повторно се погрижи стилистката Милена Танаскоска, со која соработката трае веќе неколку години.
