Групата „Меморија“ денес одржа уште една прес конференција пред нивниот голем концерт на 11-ти јуни. Тие најавија концерт за сите генерации но и за првпат ќе има платформа за лица со инвалидитет. Публиката на платформата ќе ја предводи здружението „Мобилност“.
За првпат во Македонија ќе направиме една платформа на која ќе има место за стотина луѓе со телесен инвалидитет, и тие ќе бидат за првпат привилегирани да можат да го гледаат концертот во целина со две платформи, едната во висина со 80 см, другата во висина од метар. – изјави Петар Георгиевски – Камиказа
Покрај за лицата со инвалидитет за концертот специјално ќе биде поставена трибина со 150 седишта, за кои билетите ќе бидат во продажба од утре.
Пред големиот спектакл со „Меморија“ на сцената на стадионот на АРМ ќе настапат „2Be“ и Ламбе Алабаковски, а гости во текот на концертот ќе бидат „Next Time“, „Last Expedition“, „Морал“ и „Конкорд“.
Првпат после 30 и нешто години Сеад Јакупи, оригиналниот пејач на „Конкорд“ специјално ќе допатува на концертот на „Меморија“ и ќе ја изведат заедно со Венко Серафимов оригиналната песна, се разбира и со целиот наш бенд на „Високи штикли и црни чорапи“. – додаде Камиказа.
Членовите на бендот кажаа дека имаат секојдневни проби и дека се подготвуваат за најголемата „концертна лудница“ под отворено небо. Како што најавија членовите на групата, на концертот ќе има и други изненадувања.
Она што е за посебна почит е тоа што концертот на бендот е поддржан од неколку општествено одговорни компании. Па како што кажа и Камиказа, тие се чувствуваат многу „покомотни“ зашто трошоците за еден ваков спектакл се големи и тешко можат да се покријат без поддршка од спонзорите.
