Како што на неколку наврати досега пишувавме, сега и официјално, на далеку познатиот “Фолк Фест Валандово” годинава ќе се оддржи од 3-ти јуни до 5-ти јуни во градот на калинката. Оваа година фестивалот прославува јубилеј од 35 години постоење. Првите две фестивалски вечери кои организаторите ги сметаат за таканаречена ОФФ програма, ќе се одржат во центарот на Валандово, односно, на главниот плоштад, додека онаа официјалната фестивалска вечер каде ќе бидат претставени нови композиции пропратени со жива музика, ќе се одржи на 5-ти јуни во Фестивалската сала “Јанко Узунов”.
Како најава на фестивалската програма, на 3-ти и 4-ти јуни, на градскиот плоштад во Валандово ќе настапат Горан и Ленче Кукиќ, Александар и Дац, Владо Јаневски и Љубојна, како реномирани изведувачи од македонската сцена.
На неодамнешната прес-конференција која што се одржа во Валандово, уметничкиот директор Живојин Глишиќ, водителскиот пар Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев, Градоначачникот на Валандово Перо Костадинов и претставникот на медиумите кој што е еден од медиумските покровители на фестивалот дневното списание Вечер и интернет порталот Вечер прес, пред јавноста ги претставија 23-те нови новосоздадени композиции кои годинава ќе бидат изведени на сцената на фестивалот.

На фестивалската сцена годинава ќе ги видиме: Благоја Груевски, Сузана Спасовска, Лени Партикова, Перо Христов, Ефто Пупиновски, Далибор Ѓошиќ…, а како најголемо изненадување на фестивалот што се однесува до изведувачите е учеството на поп пејачот Ламбе Алабаковски кој по враќањето од Америка со семејството, за прв пат учествува на музички фестивал во Македонија.

Изборот на победничка песна ќе го одлучува присутната публика во фестивалската сала „Јанко Узунов“ и стручно жири. Во ревијалниот дел од фестивалската вечер, свој настап ќе има доајенката на македонската фолк песна, Блага Петреска.
По пауза од две години и музичкиот портал Музика24 е еден од медиумските покровители кој што со своја екипа ќе известува и информира од фестивалот за се она што е пред, но и зад камерите.
