Со песната “Вечерва тој ме запросува” новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго настапи на неодамнешниот фестивал “Серенада медитерано” на Широк Сокак во Битола. По пауза од шест години фестивалот се врати на битолската сцена, и годинава славеше дваесетгодишен јубилеј.
“Многу сум почестена што бев дел од овој наш крајно романтичен фестивал, на кој настапив со преубава балада, со француски шмек. Песната ја направија академските музичари, композиторот Јовче Петковски и аранжерот Горан Милошевски, во чие студио е и снимана, а текстот е на Цане Трајчевски, на чија идеја настапив и на овој фестивал. Од срце ме израдуваа силните аплаузи на сред песна и на крај, што ги добив од Битолчани. Уште поголема е честа што пеев покрај Драган Мијалковски, Ибро Лабунски и други познати имиња, а Сандро Николовски, синот на легендарниот Гоце Николовски не потсети на “Мојата серенада”, изјави Валентина Ѓоргиевска Парго за музичкиот портал Музика24. Песната како инструментална музика авторот Петковски ја крсти “Valse pour Pargo” и ја постави на YouTube. Целосната песна ќе биде пуштена за некој ден.
“Преубава е, песна со многу шарм. Верувам дека ќе стане свадбен валс, со кој младоженците ќе ја започнуваат својата свадбена веселба, смета Парго. Во продолжение преслушајте ја одличната инструменталнава верзија на “Вечерва тој ме запросува”.
Подготви: Редакција Музика24
