Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ оваа година ќе се одржи од 19-ти до 26-ти август. Покрај филмската програма и оваа година фестивалот ќе понуди богата офф програма.
Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, таму имаме најмногу седишта, втората локација е киното Манаки, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса која ќе биде отворена за Мак корнер програмата. Секоја вечер ќе има филмови, рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамовски.
За офф програмата која е локална придружна програма на иницијатива на Општина Битола на прес- конференцијата говореше одговорниот за оваа програма, Тоше Ивановски. Тој најави секојдневни изложби на раритети од колекционери кои ја раскажуваат фото и филмската историја на Битола, музички настани во духот на филмската музика, танци и анимации, како и манифестацијата „живи слики“ од архивите на Манаки.
Продолжува програмата „Наследниците на Манаки“ и прв пат годинава ќе биде презентирано семејното наследство на познатиот Фото УНИ, добитник на Оскар за фотографија за најдобар фотографер на САД во 1965 година.
Игор Новоградска и Оливер Јосифовски, Илија Апелгрин и многу други познати музички имиња ќе бидат дел од офф програмата, со изведби и промоции на филмска музика од „Бикини мун“, „Стела“ итн.
Ова е придружна програма на фестивалот Манаки. Зборуваме за една креатива која има намера да го покаже интересот на битолчани, на креативците, кои имаат капацитет актерски и музички да покажат дека Битола има интерес за овој фестивал. Сакаме да покажеме дека Битола е град во кој се роди филмот и дека тоа е чувство кое е дел од колективната меморија. Креиравме автентична програма која има намера да покаже дека Битола го сака фестивалот. Ќе има ретки колекционерски изложби на кои ќе бидат презентирани фотоапарати, камери и документи врзани со филмскиот живот на Битола. Млади таленти преку работнилници ќе се усовршуваат во правењето на филм. Забавната програма ќе се одвива во кафе барови и клубови, се организиравме секоја вечер да има две до три забавни програми, кои ќе бидат од големо значење, рече Ивановски.
