Младата македонска музичарка Дина Јашари со песната „Дома“ е најновиот, четврти лауреат на музичката награда „Милан Младеновиќ“, чиешто доделување се одржа во средата на 21-ви септември во Белград.
Видно возбудена Јашари однапред се извини што зборува на македонски јазик, бидејќи не зборува доволно добро српски.
„Навистина останав без зборови. Ви благодарам многу што го поддржувавте регионот и не следите нас уметниците во сите области, тоа многу ни значи. Ваквата важна награда е голема поддршка за мене и за мојата музика.“, рече таа на доделувањето на сцената на културниот центар Дорчол во Белград.
Кантавторката Ана Ќурчин, според утврденото правило, ја додели наградата, како минатогодишна добитничка со баладата „Ту“.
Заедно со неа, наградата ја додели и Маја Маричиќ, една од основачите на фондацијата „Милан Младеновиќ“, некогаш емотивна партнерка на големиот рок уметник. Наградата се доделува секоја година на роденденот на Милан Младеновиќ, 21 септември. Прв лауреат на наградата во 2019 година беше алтернативниот нуиз електро рок бенд „Артан Лили“ од Белград, а наградата беше доделена во Националната библиотека на Србија. Останатите победници во 2020 година беа момците од белградскиот тим „Драм“. Покрај традиционалното доделување на наградата за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија, на свеченоста беше претставена и работата на Фондацијата и идните планови.
