Премиера

НОВО: Интимна биографија за легендарниот диџеј што прерано го напушти овој свет

На Ваше барање а по долга пауза, се враќа рубриката „Музика во книга“ ! Овој четврток Ви ја претставуваме биографијата на легендарниот Авичи, која пред 10-тина дена излезе во продажба.

Диџејот и продуцент Тим Берглинг, во цел свет познат под уметничкото име Авичи, експлодира на музичката сцена како огномет наспроти ноќно небо. Беше музички визионер, кој со своето чувство за мелодија успеа да го дефинира периодот кога шведската и европската хаус-музика го освојуваа светот.

Но Тим Берглинг исто така бил и интровертен и кревок млад човек, принуден пребрзо да порасне. По цела серија инциденти, кои резултираат со болнички престој, тој ја прекинува турнејата летото во 2016 година. Едвај две години подоцна, си го одзема животот.

„Тим – официјалната биографија на Авичи“ е дело на наградуваниот новинар Монс Мосесон, кој добива специјален пристап до белешките на Тим, а прави интервјуа и со неговото семејство, како и со неговите пријатели и колегите од музичкиот бизнис. Биографијата искрено ги претставува Тим и неговата животна потрага, не срамејќи се од тешкотиите со кои се соочувал.

Мосесон имаше пристап до дневникот за рехабилитација на Берглинг и речиси сите важни луѓе во неговиот живот: поранешни девојки, другари од детството, колеги диџеи, суперѕвезди, психотерапевти. Тој добил и пристап до дигиталниот живот на Берглинг како текстови, е-пошта и пораки на ниво на интимен пристап на биографите за кое сигурно до сега само многумина сонувале.

Македонското издание го објави Антолог, а преводот е на Томе Силјаноски. За сите обожаватели на Авичи, биографијата е во продажба од 7-ми ноември во книжарниците на Антолог а достапна е и за нарачка онлајн со достава до Вашиот дом.

Можеби ќе ве интересира: