Од утре па до недела, следува викенд исполнет со три концерти во рамките на 14-то издание Фестивалот на музика од светот. Фестивалот кој е во организација на НУ Центар за култура – Битола, започнува со фадо звуците во изведба на Јоана Амендоеира од Португалија со нејзиниот бенд. А по полноќ во ноќниот клуб „Јагода“, на ОФФ програмата се битолчаните „Фолтин“.
„фестивалот сериозно си гради историја и место на светската мапа на фестивали. Ова е еден од фестивалите кои имаат за цел да ја воспитаат публиката, да го почитува и слуша она што не често во последно време онака како светот функционира, имаме можност да го чуеме. Многу често зборуваме дека сите големи работи ни се случуваат во Скопје и дека ако сакаме да чуеме некој квалитетен музички концерт на светски квалитетно име мора да патуваме. Јас се радувам што овој фестивал има можност тоа музичко уживање на битолчани да им го донесе дома.“ – истакна Маја Андоновска – Илијевски.

Втората фестивалска вечер (18.11) е резервирана за групата „Фонтана“ со Камерниот орекстар на Битола, а нивни гости ќе бидат Даница Крстиќ (Србија), Ангел Демирев (Бугарија) и Џамбо Агушев (С.Македонија).
Ова е мое петто појавување како солист на фестивалот и секогаш тоа е со посебна емоција. Ветуваме неверојатен спој на балканскиот израз, опоен и движечки со нашите гости во вечерта кога со Камерниот оркестар ќе напрвиме мала, посебна целина во овие три дена кои ја слават музиката од светот. – рече благојче трајковски од „Фонтана“.

За финалето на фестивалот во недела, ќе настапи македонскиот состав „Лилит“ со концертна промоција на проектот „Лилит меѓу луѓето“. Концертот на „Фонтана“ со Камерниот орекстар и нивните гости е распродаден во рекордно време, додека за останатите 2 концерти има уште мал број влезници.
Освен главната фестивалска програма, во ноќниот клуб „Јагода“ ќе се одвива и офф-програма на која ќе настапат „Фолтин“ и едни од најбараните DJ од регионот во моментов Luton & Šćepine Vragolije.

Фестивалот од оваа година има и нов заштитен знак во облик на лого. Логото е дело на младиот дигитален уметник Димитар Ристовски а во себе содржи неколку симболики поврзани со Битола. Стрелката на Саат кулата, трите врвови на Баба планина и амфитеатарот на Хераклеа се вклопени во новиот визуелен идентитет на фестивалот.
Следната година фестивалот ќе слави 15 години, а за големиот јубилеј се најавуваат поголеми светски имиња. До јубилејното издание, не пропуштајте да бидете дел од концертите кои оваа година се на програмата.
