Балканленд

Гитаристот на „Хладно пиво“ уапсен во Замбија поради нелегално посвојување дете

Замбиската полиција на 7 декември уапсила четири парови од Хрватска осомничени за трговија со луѓе, откако планирале да посвојат деца од Конго. Осум хрватски државјани, беше потврдено во хрватското Министерство за надворешни и европски работи, се уште се во притвор.

44-годишниот Дамир Магиќ и неговата 45-годишна сопруга Надица, гитаристот Зоран Субошиќ и неговата сопруга Азра Имамовиќ Субошиќ, вработена во Уставниот суд, загрепскиот ветеринар Ладислав Першиќ и неговата сопруга Александра и познатиот активист за човекови права Ноа Краљевиќ и неговата сопруга се уапсени.

Субошиќ (лево) со останатите членови на бендот

Пријателите на уапсениот гитарист неофицијално изјавиле дека тој и неговата сопруга планирале да посвојат дете од Африка, а пред неколку недели отишле да го земат. Веста дека се уапсени ги шокираше.

Замбиските медиуми ја пренесуваат изјавата на полицискиот командант на провинцијата Копер појас, Писвела Мвембу, која рече дека службениците за имиграција на аеродромот Симон Мванса Капвепве уапсиле четворица парови со хрватско потекло по дојава што ја добиле, и дека документите за посвојување што ги издале на властите во Конго се чини дека се фалсификувани. Затоа во соработка со колегите од Конго ја проверуваат автентичноста на документацијата за посвојување. Едното дете има една година и три месеци, а другите три деца по три години.

Од Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска велат дека хрватските државјани се уште се во притвор, дека се води истрага и дека се уште не се обвинети за ништо. Тие се приведени, додаваат, поради сомневање за валидноста на документацијата за посвојување.

„Се чекаат одлуките на замбиските власти. Се проверува законитоста на постапката за посвојување“, потврдија во хрватското Министерство.

Можеби ќе ве интересира: