Во организација на Центарот за култура – Битола а во изведба на Камерниот оркестар на Битола изминатите две вечери битолчани но и бројна публика од повеќе градови уживаа во два концерти под насловот „Засекогаш во срцата“. Оваа година по јубилеен петти пат посветени на Тоше Проески а како и секоја година и на уште еден музички великан. Оваа година тоа беше Пепи Бафтировски, кој важи за бард на македонската фолк музика.
На самиот почеток на двата концерти публиката се потсети на бројните познати рефрени и антологиски песни на битолчанецот Бафтировски. „Заветна“, „Ако згрешам нека изгорам“, „Битола љубов моја“, „Сине мој“ беа изведени од битолските пејачи Бојан Стојков, Димитар Андоновски и Сефедин Бајрамов.
Следува бројните хитови на Тоше како: „Полско цвеќе“, „Тајно моја“, „Сонце во твоите руси куси“, „Цреша“, „Hardest thing“, „Još Uvek Sanjam Da Smo Zajedno“, „Volim osmjeh tvoj“ и уште многу други песни кои ги отпеаа: Викторија Лоба, Ламбе Алабакоси, Александра Јанева, Бојан Стојков Димитар Андоновски, Бојан Маровиќ и младите музички надежи Марија Митровска и Сара Гигова.
Камерниот оркестар на Битола под диригентската палка на Владимир Димовски, уште еднаш ја потврди својата репутација и популарност на сериозен музички бренд во градот, земјата но и регионални рамки. Организаторот, Центар за култура – Битола со овие концерти ја започна годината а ова е само најава за богатата програма која следува.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски












