Ансамблот “Танец” е нашата национална гордост и своевиден културен амблем насекаде низ светот по кој не препознаваат и тоа е еден неоспорен факт на кој сме горди. Меѓутоа, исто така факт е дека последните години “Танец” е своевидна ексклузива и по однос на цените кои се плаќаат за нивните концерти и по однос на наменските концерти кои се прават претежно во Скопје, иако неговата основна функција е да ја доближи народната традиција и култура до грѓаните ширум државата и секако до нашата дијаспора.
Впрочем тоа е нагласено во самиот вовед на нивната веб страна каде пишува: “Ансамблот Танец претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении, културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот. Веќе шест децении “Танец” со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на Македонското материјално и нематеријално културно наследство. Наследство, кое како и народниот вез е длабоко врежано во потсвеста на секој македонец”.

И се ова би било одлично доколку игрите и песните, односно концертните настапи на Ансамблот “Танец” би биле финансиски подостапни за обичниот граѓанин, кој треба најмалку дестина евра да одвои за да присуствува на нивните концерти, се разбира ако навреме купи карти, затоа што најчесто влезниците се резервирани за елитата, за бизнисмените, за политичарите и секако за амбасадорите, зошто логично тие се репрезентна публика која може да плати и која демек ја разбира културната симболика и концептуално се вклопува во целата приказна!?! Ма да не е смешно ова би било жално! Ви се молам каква е таа Национална Установа која пост фестум преку социјалните мрежи се пофалува со своите концерти, а при тоа никогаш официјално навремено не испратила информација и покана до новинарите кои пишуваат за музика и естрада. Овде се оградувам и не ги мешам колегите од културните редакции зошто можеби тие добиваат покани, но тоа дополнително зборува за една некоректна селекција и непрофесионален однос, односно дискриминација која првиот човек на оваа институција Мартин Вучиќ не смее да си ја дозволи пред се како долгогодишен музичар и автор кој припаѓа и на естрадната бранша.
Нејсе, што би рекле стари, да тргнам од себе си односно од нашиот портал кој секогаш афирмативно пишувал за Танец и кој е пред се интернационален портал со седиште во Австралија, што значи апсолутно соодветен медиум за афирмација на Танец во дијаспората. Ниту еднаш не сме добиле покана за нивни концерти, иако во неколку наврати сум пишувала за Танец, а честопати и за нивните најистакнати уметници кои се своевидна препознатливост на овој ансамбл. Дури еднаш на своја иницијатива се одважив да побарам карти како новинар за да го проследам нивниот Новогодишен концерт па се соочив со административно шалтање од секретарката до билетарката за на крај (кога веќе кренав раце и одлучив да не патувам до Скопје) да ми се јави пи-арот и да ми понуди карти кои “на среќа ги вратиле од некоја амбасада”, па глеј чудо ќе може да ги употребам јас?!? Се разбира дека ги одбив и не појдов на тој концерт, а целата ситуација ме натера убаво да обрнам внимание на нивниот однос кон седмата сила, односно се понадевав дека оваа непријатна епизода подоцна ќе се обидат со некој убав гест да ја амортизираат, но за жал тоа не се случи. Напротив, повторно бев сведок на пост фестувм објави на социјалните мрежи преку кои дознав дека Велигденскиот концерт кој веќе се одржал бил посветен постхумно на Маестро Завков и дека уметниците одржале концерт за паметење! Да, само што не знам како ќе се памети овој раритет (освен во меморијата на присутните), затоа што не прочитав ни еден новинарски текст кој архивски би го сочувал уникатното издание на овогодинешниот Велигденски концерт, со кој практично “Танец” и ја отпочна годинешната концертна сезона.

Лично сметам дека прерано починатиот првенец на “Танец”, Маестро Милан Завков генерално е македонски музички симбол за кој новинарите ни по една основа не би требало да бидат игнорирани и тоа најмногу ме предизвика на критички осврт кон раководството и пр службата на “Танец”. Дека не сум единствена која ги забележува аномалиите на раководните структури во “Танец” ми потврдија поранешни нивни пензионирани играорки кои дословно изјавија:
“Не само што новинарите не ги почитуваат, туку и пензионерите кои го поминале целиот работен век и придонеле за оддржување на културното наследство не ги почитуваат и ниту еднаш не се поканети на ниту една прослава или свечен концерт. Сме требале да си купиме карти, а од кои пензии да купиме кога земаме минималец, нека им служи на чест. “Танец” функционира 72 години, а не само овие четири години”, изјави децидно нивна поранешна играорка (имињата познати на редакцијата), која за оваа изјава доби максимална поддршка од друга пензионирана колешка.
Оваа изјава доволно го расветлува целокупниот статусно административен однос кој почива на снобовски стандарди што се недопустиви за институција од ваков калибар. Кога сме кај овој момент посебно ми проби очи текстот на нивната веб страна под објавата за контакт во кој се вели:
“Ансамблот Танец” постојано изведува концерти, учествува на приредби, натпревари, гостува во државата и странство, како и на други манифестации. Доколку сакате дополнително да се информирате, да договорите настан или да не спонзорирате, ве молиме испратете барање преку оваа контакт форма, или на некој од нашите телефонски броеви”!?! Значи контакт лесно се воспоставува ако сте препорака во финансиска смисла, во спротивно кој ве ферма кога не пеете на радио што би рекле млади.
Се надевам дека овој критички осврт раководните луѓе, пр службата, уметниците и целокупниот ансамбл на “Танец” ќе го сфати добронамерно, во спротивно сигурна сум дека грешките ќе ги повторуваат, а тоа секако нема да биди на моја штета, туку на штета на македонскиот народ.
Билјана Крнческа/Свет Аустралија
