Црногорскиот пејач и актер Славко Калезиќ со својата монодрама е дел од официјалната селекција на овогодинешниот Фестивал на монодрама во Битола. Калезиќ е дипломиран актер но регионалната јавност го познава најмногу по учеството во Х-фактор Адриа и како претставник на Црна Гора на Евровизија 2017 година.
Калезиќ ја претставуваше Црна Гора на Евровизијата во Киев, Украиана со песната „Space“ а во Битола доаѓа со монодрамата „Храна за душа“ од авторката Жана Полиаков а во продукција на неговиот матичен Народен театар – Подгорица. Монодрамата е на програмата во сабота (13.05.) со почеток во 19.30 часот на големата сцена на НУ Центар за култура – Битола.

Селектор на фестивалот е познатиот актер Петар Мирчевски кој селектираше вкупно 15 претстави, од кои 13 во конкуренција и 2 надвор од конкуренција за отворање и затворање на фестивалот. Освен Црна Гора на програмата се актери со своите монодрами од: Естонија, Косово, Израел, Србија, Монголија, Италија, Шпанија, Хрватска, Литванија и Македонија. Фестивалот ќе се отвори и затвори со најновите премиери на Театар Комедија и Театарот „Јордан Х.К.- Џинот“ од Велес. И тоа „Жени во собрание“ на 12-ти мај и „ Нема струја за електричниот стол“ на 20-ти мај.

