Пуштени се во продажба билетите за 32-то издание на Скопскиот џез фестивал, што оваа година ќе се одржи од 17-ти до 21-ви октомври. Цената на влезницата за првата вечер, на којашто во МОБ ќе настапи британско-словенечкиот тандем Еван Паркер/Златко Каучич како и експлозивните Британци “Get The Blessing”, изнесува 400 денари. Билетот за настапите на норвешкото дуо Сидсел Ендресен/Стиан Вестерхус и на квартетот на легендарниот американски гитарист Џон Аберкромби кое пак ќе се одржи на 18-ти октомври во МОБ, се продава по цена од 600 денари.
Уживањето во балканската премиера на проектот “Balkan Fever” со харизматичниот диригент Кристјан Јарви, Македонската Филхармонија, Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов кое ќе се одржи на 19-ти октомври во Универзалната сала, ќе чини 800 денари. Исто толку чини и влезницата за следната вечер во Универзалната сала, на којашто ќе се претстави легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот “Harriet Tubman”, како и џез-иконата Роско Мичел со своето трио.
И конечно, за концертите на славниот Дејв Холанд и неговиот последен проект Prism и на новата ѕвезда на евопскиот џез Ибрахим Малуф, на последната фестивалска вечер во Универзалната сала, посетителите ќе плаќаат 600 денари.
Полноќните концерти, што ќе се одржуваат од 18-ти до 21-ви октомври во Сити Хол Центар (поранешниот клуб “Хард-Рок”), со настапите на Reut Regev’s R*Time, Nicola Conte Combo, Peter Evans Zebulon Trio и Rob Mazurek & Sao Paulo Underground, ќе чинат 300 денари.
Комплетот билети за сите вечери (вкучувајќи ги и полноќните концерти) се продава по цена од 2600 денари. Влезниците за 32-от Скопски џез фестивал може да се набават во: Југотон Рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com.
Подготви: Марија Поповска
