Фестивали

Додека Прилеп го исчекува “Пивофест”, Градоначалникот Јовчески тактизира (Фото)

Веќе навлеговме во месец јуни, а Општина Прилеп не се огласува околу овогодинешното издание на Фестивалот на пивото и скарата односно ништо официјално не соопштува за прославениот “Пивофест”. Ако во изминатите години во овој период се знаеше комплетната музичко-забавна програма, кој и кога ќе настапи, кои ќе бидат водителите и слично… годинава тоа за жал не е така. Прилепчани велат дека во градот владее потполна штама, како да е во депресија и сите се прашуваат дали воопшто ќе се одржи овој некогаш познат и популарен пиво фестивал, кој се повеке почна да наликува на локална манифестација која што ги забавува локалците и жителите на околните градови.

Ако минатата година беше една од најлошите во организирањето на “Пивофест”, (неисплатени хонорари на изведувачите, игнорирање на новинарите, несоодветен организатор и комплетен ПР тим)… и што уште не, годинава сеуште постои надеж дека работите ќе се поправат.

Неофицијално, музичкиот портал Музика24 дознава дека еден од датумите кога би требало да се одржи овогодинешното издание на “Пивофест” е кон средината на следниот месец, поточно, некаде од 13-ти јули до 16-ти јули во центарот на Прилеп. Но очигледно од Општина Прилеп се тактизира и се уште не излегуваат со официјални информации, иако ПР-от на општината за Музика24 рече дека се би се знаело до крајот на месец мај. Зошто и на што се чека знаат само општинарите кои наместо да бидат искрени и транспарентни кон граѓаните, тие молчат, дали е тоа мудра стратегија или немоќ не знаеме но евидентно е дека нешто не е како треба?!

Доколку се одржи фестивалот и оваа година прилепчани би ги забавувале исклучиво македонски музички имиња (тоа го потврдија некои пејачи кои се пофалија дека со една наша продукција ќе потпишуваат договори) што значи дека најверојатно ќе гледаме реприза на минатогодишното издание на “Пивофест”.

Дали и кога официјално ќе се одржи овој музичко-забавен фестивал не знаеме, но едно е сигурно, Општина Прилеп пополека но сигурно, намерно или не, се обидува да го згасне овој некогаш познат фестивалски бренд не правејќи ништо да го крене на она ниво на кое некогаш прилепчани беа навикнати. А тоа ниво… сите добро знаеме кое е.

Фотографии: Архива на Музика24/www.pivofestival.mk

Можеби ќе ве интересира: