После првата и втората вечер на Културното лето во Општина Кисела Вода кои беа наменети за помладата, односно повозрасната публика, како што и беше најавено, вчера вечер на големата сцена кај Расадник се одржа третата, спектакуларна вечер од Културното лето.
И покрај тоа што на самиот почеток на вечерта временските услови не беа сосема ветувачки, и сите стравуваа дали може да се случи најауваното невреме, сепак, се чини дека и Бог помага кога имаш убава и благородна цел. Дождот престана, а публиката беше се побројна и побројна.

Пред насобраниот народ кои движејќи се како река низ улиците во Кисела Вода, до последно место го исполни просторот пред салата Расадник, водителите Ненад Горгиевски и Анкица Стојановска ја започнаа вечерта со најава за првиот музички гостин, познатиот Жаре Бербер и неговиот “Галама бенд”. Како и секогаш, па така и овој пат, тој со својата позитивна енергија на сцената речиси еден час ги забавуваше присутните кои можеа да слушнат рафрени од познати хитови, строфи од песни кои засекогаш ќе се пејат. Расположението беше на многу високо ниво.
Пред самиот настап на ѕвездата на вечерта и на самото Културно лето, на далеку познатиот хрватски пејач Петар Грашо, имаше кратка среба со медиумите каде само за музичкиот портал Музика24 даде изјава.
“Јас и Македонија се сакаме од многу одамна, и на сите концерти кои досега сум ги имал во Скопје се чувствувам како дома. Му Благодарам на Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој ме покани да бидам дел од вашето музичко Културно лето. Вечерва на сцената ќе се пејат сите мои познати рефрени и верувам македонската публика ќе биде задоволна. Вечерва на сцената ќе има многу музика и многу љубов”, изјави Петар Грашо за музичкиот портал Музика24.

Ние не би биле ние ако не го прашавме Грашо за вечерашниот настап на музичкиот фестивал во Сплит “Мелодија Јадрана”, каде заедно со хрватската пејачка Нина Бадриќ ќе ја исполнат песната “Немој”. Тој во врска со сето тоа ни кажа:
“Јас секогаш кога работам на некоја песна очекувам најмногу од неа, бидејќи давам се’ од себе, пред се, продукциски за таа песна да биде претставена и промовирана онака како што доликува. Станува збор за една љубовна балада со страшно силен емотивен текст, но јас би се осудил да кажам дека таа песна и е доста певлива, разиграна и питома. До сега само неколку луѓе ја имаат слушнато и истите имаат искоментирано дека таа песна побудува одредена снага, сила и емоција нешто слично како кај песните “Ако те питају” и “Моје злато”, изјави Петар Грашо за Музика24.
Веднаш по средбата со медиумите, Грашо се подготвуваше за својот концертен настап, а во меѓувреме водителскиот пар Ненад Георгиевски и Анкица Стојановска заедно со публиката пееја дел од песните на Грашо, нестрпливо очекувајќи го да се појави.



Тој излезе на сцената, а со него и таа посебна магија која ретко кој пејач ја има воопшто на музичката балканска сцена. Од првата песна, која во моментот му е и најакутелна, „Јел ти река ко“, 35 000-ната публика започна во еден глас да пее со него. До доцна во ноќта се пееја силно емотивните хитови “Срце за водича”, “Уторак”, “Ако те питају”, “Моје злато”… Дел од концертот Грашо му посвети и на Оливер Драгојевиќ преку прекрасна изведба на незаборавните „Цесарица“, „Два пут сам умра“ и многу други. Не изостанаа ни желбите на публиката, а за крај, организаторот се погрижил да има и огномет за величественоста да кулминира додека Петар Грашо на бис ја пееше “’Ко нам брани”.
Веројатно оваа песна и одлично се поклопува со она што стои пред Кисела Вода како задача за следната година. “Ко нам брани, да буде све ко лани” ќе биде амбициозен залак во кој силно веруваме, со оглед на критериумите кои ова општина ги издигна на многу високо ниво.

35.000 посетители колку што имаше синоќа, или заедно со другите две вечери, преку 50 000 илјадната публика што уживаше во концертите, говорат дека Општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се подготвени за креирање на нови стандарди во сферата на културно-забавниот живот, за кој ние, како портал, тврдиме дека треба да ги следат и другите општини.

Манифестацијата која годинава се одвива под слоганот “68 години-БЕСКРАЈНА ПРИКАЗНА КОЈА СТАНУВА СЕ ПОДОБРА” финализира во четврток, со роденденската прослава на Општина Кисела Вода, на која концерт ќе одржи групата Нокаут, а публиката со својот сет ќе ја загрее DJ Mats.
