Фестивали

Пукна тиквата! Голема и силна шлаканица за Општина Прилеп – “скриениот” организатор го одложи “Пивофест” (Фото)

И покрај доделената локација за одржување и одредена сума од 4 милиони денари од страна на Општината Прилеп, т.н. непознат и “скриен” организатор го одложи Фестивалот на пивото и скарата “Пивофест”.

Да ви се додели дозвола и право за организација на нешто традиционално и од големо значење, а вие да го уништите не размислувајќи ниту за последиците ниту пак за тоа како и на кој начин тоа ќе влијае на градот, треба да сте големи махери или експерт за уништување на се она што постоело, вредело и е од голема традиционална вредност на сите граѓани, со еден збор… треба да се малер паракселанс. А знаете, Бајага пред многу години за ваквите имаше испеано “Песна против малери” која што нашиот “скриен” организатор во целава приказна веројатно досега и не ја слушнал.

Шала на страна и да бидеме искрени. Тој таканаречен “скриен” организатор е всушност Пеце Стоикоски за кој уште од месец април-мај пишува музичкиот портал Музика24, но само се прашуваме зошто до само пред еден ден општинарите упорно велеа дека незнаат кој ќе е организатор и кој стои зад ново основаното Здружение на граѓани посветено и со име на “Пивофест”. Очигледно дека тие се знаат, но работава е ако помине – да помине.

Истиот тој организатор кој според општинарите бил првиот и единствен пријавен на досега необјавениот јавен повик, конкурс, оглас или што и да е, во текот на вчерашниот ден на Фејсбук профилот на “Пивофест” објавува соопштение кое да не беше смешно ќе беше тажно. Истиот тој, изминатите недели на големо низ Прилеп преку делење на леток, за кој што пишуваше Музика24, собираше или мислеше дека ќе собере финансиски сретства од малите дуќанчиња, продавници, маркети, кафулиња, ресторани… се со цел да го одржи “Пивофест”. Премногу аматерски, бедно и едноставно постапка за која и не вреди да се коментира.

Тука се поставуваат повеќе прашања.

  • Зошто Општина Прилеп од старт молчеше и го криеше организаторот за денес самите да откријат дека згрешиле и дека немале избор, а единствениот пријавен немал финансиска покриеност и соодветна музичка програма?
  • Кога веќе знаеле од старт кој е организатор, зошто дозволија да бидат дел од играта па на летокот со кој се побаруваат пари од помалите и поголеми прилепски компании да стои логото на Општината, со што молчејќи дали се одобрува сето тоа?
  • Како дозволија три недели пред одржување на фестивалот кој има огромна традиција да биде откажан – кој ќе ја сноси одговорноста, знаејќи дека Општината помага со свои сретства и со цела градска логистика. Зар е потребен организатор кога и така Општината сите работи ги обавува сама?
  • Зошто Општина Прилеп не застане зад Фестивалот на пивото и скарата како бренд и не го заштити и го стави под свое со организација како што доликува, а не секоја година во четири или повеќе очи се доделуваат права и обврски на некој си таму да го организира она што е најсвето на прилепчани?

На овие и многу други прашања немаме одговор, но се надеваме дека од Општина Прилеп ќе соберат храброст и дека со прес-конференција ќе ги образложат и објаснат сите детали.

А што објавија од ново формираното здружение на организаторот со кое што тој и всушност требаше да го организира “Пивофест”, соопштението ви го пренесуваме во целост:

“Почитувани Прилепчани и пошироката јавност. Сакаме да Ве информираме дека овогодинешното јубилејно издание на ,,Пивофест” – Прилеп 2023 се одлага за следната 2024 година, со нова локација, концепт и содржина на програмата. Образложение: На состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, ,,Пивофест” – Прилеп 2023, дека нема да се подржи и одржи. Додека пак советот на Општина Прилеп на седницата од 22.06.2023 донесе одлука за доделување на локација за реализација на ,,Пивофест 2023″. ( Прашањето е за што се носи одлука за доделување на локација кога предходно Стопанската комора и бизнис секторот донеле одлука со намера да не се подржи и одржи фестивалот??? ) За жал оваа седница е доцна одржана и одлуката за доделување на локација за организација и реализација на фестивалот е ПРЕДОЦНА донесена. Со оглед на навремено поднесените барања од страна на Фестивалот на 17.11.2022 и во aприл 2023 до Општината за организација и локација на ,,Пивофест 2023″ сеуште нема официјално известување до Фестивалот до ден денес. Со оглед на сите овие горе наведени причини ,,Пивофест” – Прилеп 2023 година. спречен е да се одржи. Се извинуваме до Прилепчани и пошироката јавност, се гледаме во 2024 со нова локација, нов концепт и нова програма на ,,Пивофест 2024″, ВЕ ОСТАВАМЕ ВО ДОБРО ЗДРАВЈЕ. Со почит, Здружение Интернационален Фестивал за пиво и скара ,,Пивофест” од 2003 Прилеп”, пишува во соопштението на организаторот, односно, напишано од страна на ново формираното здружение на Пеце Стоикоски.

Од Општина Прилеп пак, експресно испратија одговор кој гласи:

“Во пресрет на традиционалниот датум за организација на Фестивалот на пивото, а тоа е срединатa на јули и со цел да се одбегнат сите шпекулации во јавноста, како Општина Прилеп сакаме да ја информираме јавноста за единствените факти и вистинската моментална ситуација поврзана со организирањето на оваа манифестација.

До овој момент во Општина Прилеп доставено е само едно барање од Здружение, кое што се пријави како потенцијален организатор за овој Фестивал. Истото тоа здружение нема предвидено јасна финансиска конструкција ниту програма за реализација која што ќе гарантира професионална организација на настан од вакви размери.

Би сакале да појасниме дека Општина Прилеп никогаш во минатото не била организатор туку само поддржувач на вакви манифестации што е случај и оваа година. Општина Прилеп и оваа 2023 година има предвидено да ја поддржи манифестацијата со 1 милион денари од Буџетот наменет за култура, кој што годинава изнесува 4 милиони денари.

Локалната самоуправа на општина Прилеп останува на ставот дека манифестацијата треба да се одржи, бидејќи фестивалот на пивото и скарата има културен, економски и туристички бенефит за градот.

Но недоволната поддршка за организација на годинешниот фестивал од повеќе фактори до овој момент, влијае на одлуката за одржување или одложување на манифестацијата.

Нашата цел како Општина Прилеп е да имаме квалитетен фестивал со богата музичка понуда и содржини, па поради тоа сметаме дека треба да бидат исполнети сите предуслови за неговa беспрекорна организација и одржување”, се вели во соопштението од Општина Прилеп.

Очигледно е дека пукна тиквата, има несогласувања и дека некој лаже во целата приказна. Од една страна општинарите знаеле дека нема да се одржи “Пивофест”, бидејќи годинава немале поддршка буквално од никој, и покрај тоа што доделиле локација за организирање, така барем вели Пеце или организаторот што требаше да го организира фестивалот. Од друга страна, Општината која треба да спроведе јавен повик или конкурс каде сите што се сериозни и заинтересирани ќе можат да се пријават – па бујрум одбирајте, вели дека единственото здружение кое било пријавено било крајно несериозно што без ниту било каква финансиска констукција, план и програма сакале да организираат настан кој треба да е на многу високо ниво, а не да биде од рангот на селски панаѓур.

Како и да е, прилепчани и овој пат останаа со прстот во уста. Очигледно е дека ниту пак тие, а ниту пак било кој друг од државава нема да може да биде дел на било кој начин од Фестивалот на пивото и скарата, бидејќи тој и официјално е одложен. Годинава нема “Пивофест”!

Тука само ќе ги запрашаме општинарите, од каде тоа дека следната година “Пивофест” ќе има нов концепт, програма и локација? Дали тоа Пеце си го присвојува “Пивофест” или пак ќе има можеби нов Фестивал пандан на веќе постоечкиот?

Лекција е одржана, заклучоците и коментарите донесете ги сами.

Можеби ќе ве интересира: