Утрово во Свечената сала на Офицерски дом – КИЦ Битола, беше оддржана прес конференција по повод претстојното прво издание на Фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада” во Битола. На конференцијата се обратија директорот на ЈОУ Културен и информативен центар Битола, Лили Бошевска, уметничкиот соработник и музички продуцент Миодраг Неќак и соработникот Тодор Ивановски.

На почетокот директорот Лили Бошевска, се заблагодари за поддршка на медиумите и ја презентира целосната идеја и концепција на фестивалот „Ех, таа серенада”, која значи навраќање на традициите карактеристични за конзулска Битола, на сернадата како музички жанр, како и за значењето на оваа манифестација за битолчани, за македонската музичка продукција како и за огромниот интерес од граѓаните.
“Можеби за следната година треба да размислуваме за некој поголем простор, за некоја друга бројка, бидејќи гледаме дека интересот ги надмина дури и нашите Очекувања”, рече Бошевска.
Миодраг Неќак, уметнички соработник и етаблиран музички продуцент и го објасни процесот на објавување на конкурс, селектирање на конечните 16 мелодии, големиот интерес од автори и изведувачи, што претставува идна основа за следното фестивалско издание како и детали за продукцијата и пост продукцијата на песните од фестивалот.
“Имавме тримесечен конкурс и пристигнаа 74 композиции. Тоа беше една акумулација на композиции бидејќи авторите долго време не можеа да ги пласираат своите нумери на ваков фестивал и имаше акумулирана енергија и премногу квалитетни нумери. Дел од нив ги сметаме за почетен фонд со песни за в година. Се надевам в година ќе направиме барем 2 вечери или ќе го зголемиме бројот до 20 композиции”, истакна Неќак.
Нумерите ќе се изведуваат во живо од оркестар со придружба на хор. Фестивалот ќе биде сниман и одложено емитуван на МРТ, за што звукот ќе биде сниман мултиканално и ќе има музичка обработка во студио.
Жири комисијата која ги избираше песните беше составена од 3 надворешни членови: Благојче Трајковски, Марина Коруновска и Александра Ристовска и 4 од редот на вработените и соработниците во КИЦ: Миодраг Неќак, Благојче Божиновски, Стево Стефановски и Тодор Ивановски.
“Многу е важна и живата културна традиција како што е обичајот на серенадата и митовите и легендите поврзани со чупите и ергените кои сега ги користиме како лајт мотив и дел од нашата колективна меморија, нешто на што се повикуваме и што не прави особено горди и сметаме дека имаме право на тоа наследство”.
