Во познатото скопско култно место Public Room или кај народот попознато како Јавна соба, октомвриските денови ќе бидат исполнети со многу забава, дружење, интересни настани и сето тоа сместено во „Milk&Blues Festival“ кој што стартува од 5-ти октомври, а завршува со последната недела односно 26-ти октомври.

Четири недели, цел октомври исполнет со квалитена македонска музика, хумор, дружење, по некоја детска претстава и изложба од најдобриот. Но да почнеме од почеток…
Поради оправдани причини комедијата „Торонто експрес“ е одложена, но затоа пак, официјалното стартување на „Milk&Blues Festival“ ќе се случи на 5-ти октомври, кога фестивалското дружење започнува со целовечерен концерт на Тијана Дапчевиќ, позната по нејзината оригиналност и различност, една од најголемите музички ѕвезди од регионот која после 15 долги години ни доаѓа со свој концерт во Јавна соба.

8-ми октомври е ден кој ќе биде резервиран за најмалите. Со почеток во 11 часот ќе стартува првата детска едукативна претстава насловена „Зеленковци“ која што е наменета за деца со возраст од 4-8 години. Втората интерактивна детска претстава која ќе биде наменета за деца со возраст од 5-10 години, ќе го носи насловот: „Кој е тука кловн?“ и ќе започне во 12ч.30мин. И третата детска претстава, кој што всушност ќе биде детски мјузикл, ќе стартува во 14 часот и истиот ќе биде наменет за деца со возраст од 8 до 13 години. Со ова предвидените настани и случувања за првата недела од октомври завршуваат.
Во втората недела во октомври, во рамки на „Milk&Blues Festival“ ќе има мошне интересен настан. Истиот ќе се оддржи на 12-ти октомври и ќе биде резервиран за Блуз Бендот: Гуру Харе и Игор Џамбазов кои својот долгоочекуван концерт пред скопската публика ќе го започнат во 21 часот. Тие за прв пат ќе се претстават со свој целовечерен концерт во Public Room, за вистинските љубители на софистициран македонски блуз. За сите љубители на македонскиот џез и блуз, една незаборавна ноќ за публиката која сака да ужива и да ја испочитува нивната тридецениската посветеност кон блузот и музиката воопшто.

Третата недела во октомври продолжува со настаните дел од „Milk&Blues Festival“. Фестивалот продолжува на 18-ти октомври со Stand Up шоуто на познатата македонска актерка, Весна Бејби Петрушевска која започнувајќи од 21 часот ќе Ви ја разубави вечерта, ќе Ве насмее и малку ќе Ве натера да подразмислите за некои нешта во животот, но во секој случај тоа ќе биде вечер која долго време ќе се памети и прераскажува. Затоа, со задоволство Ви препорачуваме уште одсега да си резервирате место за себе и Вашите најблиски.

Истата вечер на 18-ти октомври во рамки на фестивалот со почеток од 19ч и 30мин. ќе се отвори и ликовната изложба на Јасмина Трпевска насловена „Комплексна едноставност“ и ликовната изложба на Марко Милчевски под името: „Во потрага на почетокот“. Ден потоа, на 19-ти октомври сите оние кои што сакаат добра и квалитетна македонска музика со задоволство го најавуваме концертот на еден од најкултните македонски бендови на сите времиња Last Expedition во Јавна соба. Бидете подготвени за ,,последната експедиција“ која започнува точно во 21 часот.

И последната и четврта недела од октомври ќе започне со Stand Up шоуто на најпознатиот битолчанец помеѓу скопјани, Маријан Ѓеорѓиевски на 24-ти октомври со почеток во 21 часот. Уште една незаборавна вечер со многу смеа, прераскажани случки и убаво поминати моменти со Вашите блиски. Смеење до солзи. Вечер на +16 насловена „Еј животе“.

И последниот настан во рамки на „Milk&Blues Festival“ ќе се случи на 26-ти октомври. Како јаготка на шлагот. Концерт на еден од најдобрите, светски а сепак наше… познатиот и надалеку баран Владимир Четкар. Со свој концерт во Јавна соба, Владимир Четкар заедно со неговиот бенд ќе приредат волшебно музичко доживување, кое долго ќе остане во сеќавање на присутната публика.

На само 10 дена до почеток на првото издание на „Milk&Blues Festival“ детално Ви ја претставивме целосната музичко-забавна програма, а Вие доколку одбравте барем еден настан од многуте, не чекајте, уште вечерва, утре… додека не е доцна, резервирајте го Вашето место и понесете добро друштво. И да не заборавите, билетите за сите концерти можете да ги набавите on line преку плаќање на истите на сајтот: www.bileti.mk.
Верувајте, ќе вреди. Се гледаме на фестивал.
ПС: Во следните денови ќе Ве потсетуваме и детално ќе Ви ги претставуваме настаните еден по еден, а Ваше е само да се информирате и да читате Музика24.мк, бидејќи ние сме Вашиот музички информатор.
