Во рамки на офф програмата „Олабај“ на фестивалот „Браќа Манаки“ во битолската Магаза се одржа промоција на винилното издание на албумот „Грижа на совеста“ на познатиот битолски музички состав „Паркети“ и „The Back of Beyond“, првиот соло албум на Кокан Димушевски од „Леб и Сол“. Се работи за винилно реиздание со 5 бонус траки од период пред и околу тој албум.
„Паркети“ во 1992 година го имаа еден од своите први настапи во Скопје и тогаш не ни размислувавме за винили и дека ќе дојде време некое нивно издание да го ставиме на винил. Понесен од нивната музика, но и генијалниот омот на Александар Сотировски, кој за оваа прилика го преработи и повторно нацрта. Зборуваме за две уметности, самиот кавер е уметност и она што е внатре е навистина посебна уметност“, истакна промоторот тошо филиповски.
Првиот албум на „Паркети“ кој сега се реиздава на винил првично е издаден во 1996 година.
„За овој албум морав од мајка ми и татко ми да земам 400 марки кога го снимавме во 1995 година, вкупно беше 1600 марки и тоа беше многу пари, како 2-3 плати во тоа време. Го снимавме 3-4 дена во Кавадарци“, се присети Сашо Паркет.
Првото соло издание на Димушевски содржи 8 нумери поради ограничувањето од 20 минути по страна на винилите, така што изоставени се 2 песни од снимениот материјал. Димушевски е комплетен автор на сите композиции кои се снимени во текот на пандемијата во период од 10-тина дена. Албумот на винил е издаден од три издавачи, и тоа македонски, српски и хрватски со по 100 примероци. А сите три изданија се разликуваат во неколку детали.





