Како се наближува “Макфест” се повеќе се интересираме за авторите какви песни направиле и пратиле на конкурсот кој подолго време беше распишан. Посебна мистерија ни е Илија Ќосевски кој оваа година има улога на композитор и тоа не на една, туку на две песни. Интересно е тоа што со неговите песни “Макфест” ќе започне, а исто така и ќе го заокружи последниот блок на песни, т.е. ќе го затвори фестивалот.
Доколку редовно го пратите фестивалот со години на назад се сеќавате на песните на Илија кој настапуваше неколку години по ред на таа иста магична сцена. Воден од искуството излегува со подршка и верување во своите колеги, музичари. Tој е аранжер на песната која направи вистински “бум” и воедно победи во 2011-та година, “Ангели и Демони” на Зоран Илиев.
Со сигурност тврдиме дека ја знае формулата за успех и истата е преточена на нотниот запис и на двете мелодии кои навраќаат на корените на самиот фестивал. Годинава тоа е и мотото на фестивалот, да се вратат тие шлагерски звуци и секоја песна да не биде само хит од еден до друг фестивал, напротив, ко евергрин да остане запаметена и да се пее со децении.
Дамата која ќе го скрши мразот и ќе се претстави со песната “Ти немаш срам” со сигурност нема никаква трема, зошто ова за неа ќе биде трето учество на овој реномиран фестивал. Ивана Миланова има искуство на сцена поради учеството во многубројни музички талент шоу-а и настапи на други фестивали. Се почесто ја гледаме на настапи во дискотеките ширум нашава земја. Има неколку свои песни, но неодамна изјави дека токму во оваа песна се пронаоѓа, бидејќи е поразлична од другите и е во Блуз стил.
Панче Илиев ќе настапи со песната “Боли”. Тој е почетник во музичките води како интерпретатор, но има искуство како композитор. Првото, му беше за песната “Ангели и Демони”, каде делумно вмеша прсти во музиката и текстот, за оваа година да направи сам музика за Горги Димитров, кој исто така ќе настапи на Макфест во натпреварувачкиот дел. Панче инаку е студент на Факултетот за Музичка Уметност во Штип, на одсек пијано. Публиката го познава по преубавиот препев (cover) за песната “Shape of my heart”. Со неговата изведба ќе стави крај на единствената полуфинална вечер и ќе го украси фестивалот.
И двете песни се снимени во студиото MAGNUS под продуцентка палка на Илија Ќосевски и Митко Јовановски кои веќе се добро познати по нивната соработка. Им посакуваме успех, убав настап и добар пласман за да ги проследиме во финалето на 12-ти Октомври.
Подготви: Сања Неткова
