Како што веќе пишувавме, овогодинешното издание на “Макфест” не се емитуваше на Македонската телевизија, но тоа не значеше дека “Макфест” не продолжи во Домот на културата. Иако многу од изведувачите на овој или оној начин се бунтуваа, сепак, организаторите беа немоќни и фестивалот продолжи во најнормален ред. По 18-те композиции изведени на макфестовската сцена, по мала пауза, новинарите ги добија и првите официјални информации за победниците и распределбата на наградите. Музика24 во продолжение во целост Ви ги преставува наградените од публиката и стручното жири:
Награда за најслушана песна меѓу двата фестивала – Плакета “Макфест” кое што ја доделува Македонското радио – Радио2 отиде кај Роберт Билбилов за композицијата “Готово е” во изведба на Тамара Тодевска.
Наградата за најуспешен дебитант – Плакета “Златен прстен на Макфест” кој што ја додели Јулија Паскоска Пантазиева од Angels FM му припадна на Панче Илиев
Награда за најуспешна вокална интерпретација – Плакета “Златен прстен на Макфест” и 15.000 денари кој што додели комисијата на фестивалот во состав Драган Мијалковски, Гергана Добрева и Трајче Јованов, а ја врачи Борис Арсов – член на Советот за Радиодифузија и припадна на Александра Јанева за интерпретацијата на композицијата “Врати ми го сонцето” од авторите Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски – Дојчин.
Наградата “Драган Ѓаконовски – Шпато”, за најдобар аранжман – Плакета “Златен прстен на Макфест” и 15.000 денари кој што ја додели Проф.Д-р. Илчо Јованов ја доби Александар Масевски за аранжманот на композицијата “За крај” во интерпретација на Игор Митровиќ.
Третата награда од публика – Плакета “Златен прстен на Макфест” и 30.000 денари која што ја врачи Трајче Јованов, му беше доделена на Мартинијан Кириловски кој што ја исполни композицијата “Како да те украдам”.
Втората награда од публика – Плакета “Златен прстен на Макфест” и 45.000 денари која што ја врачи Кирил Панајотов, и беше доделена на Марија Бунда која што ја исполни композицијата “Не ме познаваш”.
Првата награда од публика – Склуптура на Макфест и 70.000 денари ја врачи овогодинешниот уметнички директор Драган Мијалковски, а ја доби Александра Јанева која што ја исполни композицијата на тандемот Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски – Дојчин “Врати ми го сонцето”
Оваа година за чудо на сите присутни изведувачи и новинари не беше организиран вообичаениот традиционален коктел и немаше сечење на победничката торта, која што досега беше редовна традиција. Дали ова е намерна, ненамерна или однапред испланирана ситуација на овогодинешното издание на фестивалот, не знаеме, се надеваме дека следната година организаторот нема да си дозволи вакви пропусти и дека нема да штеди бидејќи само аматерите и ново печените манифестации работат со мал буџет и гледат да поминат со што е можно поефтино. Редно време е ваквите долговечни и традиционални музички фестивали и манифестации да ги третираме посериозно, како за пример ќе го земеме овогодинешното издание на “Пивофест” во Прилеп, кога за новинарите беше обезбедено комплетно сместување и превоз.
Се надеваме дека следната година ќе се научат грешките и лекциите од оваа и дека во 2014-та ќе имаме одлично, примерно и достоинствено музичко издание на еден од најстарите фестивали за забавна музика “Макфест”
Од Штип за Музика24: Иван Јосимовски
