Во прв ред

Под мотото „Корените македонски да не се заборават“ Лени Партикова го најавува својот голем солистички концерт (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24, познатата македонска пејачка Лени Партикова на 30-ти март во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, ќе го одржи својот прв голем солистички концерт пред македонската публика. Таа досега има снимено голем број на песни со кои има настапено на повеќето еминентни и познати македонски музички фестивали.

За самиот концерт, неговата организација и подготовка, Лени за Музика24 вели:

„Еден мој голем сон ќе се оствари да имам свој солистички концерт. Со многу голема љубов и посветеност мојот сопруг Жарко Ѓоргески успеа со голема доверба и почит за мојата работа како уметник да го организира и реализира овој концерт. На истиот ќе бидат изведени мои авторски песни од албумот „Со срце и душа за Македонија“, и стари изворни песни од моите два нови албуми „Корените македонски да не се заборават“. По нив и самиот концерт го доби насловот. Првиот мој солистички концерт ќе се одржи на 30-ти март во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, бидејќи сум тетовска снаа. Но, тука со концертите не застануваме. Подготвуваме и концерти кои што ќе се одржат во Скопје, а и многу други градови ширум Македонија, а секако, и надвор од нашата татковина… но за тоа во друга прилика“, вели Лени за Музика24.

Таа меѓудругото додава дека за време на концертот со неа на сцената ќе бидат и прекрасните деца-играорци од КУД „Шара“, како и детскиот хор „Лале“ од Тетово. На сцената музичката поддршка ќе бидат нејзините почитувани колеги група „Круна“ заедно со двајцата врвни хармоникаши Робертино Стефановски и Златко Мадевски. А ќе гостува и дувачкиот оркестар „Весела дружина“.

„Како јаготка на шлагот на овој долго подготвуван и очекуван концерт ќе бидат моите драги колеги со кои долги години соработувам, нашата фолк дива Благица Павловска, Флори Манев како и Раде Младеновски. Сите оние кои ја сакаат и почитуваат македонската убава и квалитетна музика се секако добредојдени, а ние ветуваме одлична и незаборавна вечер со многу многу музика“, додава Лени за музичкиот портал Музика24.

Зад студискиот албум „Со срце и душа за Македонија“ стои Кактус продукција и продуцентот и познат македонски музичар Горан Милошески, а зад останатите студиски албуми „Корените македонски да не се заборават“ застана Сенатор Мјузик од Битола и Ване Петкоски од ИН Телевизија.

Доколку сакате убава и незаборавна вечер исполнета со македонска убава музика, 30-ти март, Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово. Концерт на одличната македонска пејачка Лени Партикова.

Можеби ќе ве интересира: