Оваа година детскиот фестивал „Распеано детство“ ќе се одржи на 8-ми јуни во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Генерален покровител годинава е Општина Куманово, а медиумски пак покровител е Македонската Радио Телевизија која ќе го снима фестивалот и дополнително истиот ќе го емитува на своите програми.
Инаку, детското фестивалче годинава ќе се одржи по 19-ти пат и истиот има меѓународен карактер. Овој пат одбрани се 20 нови детски песнички од голем број на автори и гости од Србија и Бугарија.

„Распеано детство“ датира од 1976-та година и е еден од најстарите и најафирмираните детски фестивали во Македонија и регионот. Посебно радува фактот што МРТ застанува како медиумски покровител на фестивалот. Организатор на „Распеано детство“ е Здружението „Етно-Ризница“ од Куманово, кое се покажа во организација на голем број на културни манифестации како што се: „Тумба фест“, „Денови на балканска етно ризница“, „Шопска Свадба“ и сериозно работи на собирање, промоција и зачувување на историското културно наследство од североисточниот регион на Македонија.
Досега на „Распеано детство“ имат продефилирано околу 800 учесници, околу 200 автори – домашни и странски, меѓукои ќе ги споменеме: Миодраг Божиновски, Борис Христовски, Зејадин Исмаили, Томо Златановски, Ѓоко Симоновски, Игор Трајковски, Среќко Поповски, Стојан Тарапуза, Ненад Џамбазов, Васил Куновски, Снежана Николовска, Весна Бојковска, Ристо Самарџиев, Горјан Стојановски, Далибор Ѓошиќ и многу други.

Од самото основање на ова познато детско фестивалче, зад него стојат неколку организатори кои поради приликите и случувањата низ годините се менуваат, па така, прв организатор на „Распеано детство“ е Културно-Просветната заедница од Куманово, за потоа истиот да го превземат и организираат КУД „Илинден“, Домот на пионери „29 ноември“, за сега последните години „Распеано детство“ да го превземе и организира Здружението „Етно-Ризница“ од Куманово. Низ изминатите години, на „Распеано детство“ се изведени околу 400 детски песнички, што е импозантна бројка и ретко кој детски фестивал може да се пофали со овој податок.
И не заборавајте… 8-ми јуни, голема сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, детски фестивал „Распеано детство“.
