Триесет и седмото издание на „Фолк Фест Валандово” ќе се одржи на 26-ти овој месец во Фестивалската сала „Јанко Узунов“, а ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни. Ова беше соопштено на вчерашната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.
Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.
„Фолк Фест Валандово“ не е само валандовска гордост, туку и национална, македонска вредност, а нема македонска веселба која поминува без песни кои се испеани и коишто што почнале на оваа фестивалска сцена во Валандово. Затоа, како градоначалник на Општина Валандово ги повикувам пред се граѓаните на Општината за да бидеме, пред се, гостопримливи, но и сите наши гости од целата држава да присуствуваат и да му дадат еден посебен шарм на нашиот водечки фестивал во државата“, рече валандовскиот градоначалник.

Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две предфестивалски вечери на Градскиот плоштад на 24-ти и 25-ти мај.
„На овие вечери ќе настапат Драган Мијалковски, Перо Христов, Влатко Лозановски, Кирил Џајковски, Игор Џамбазов и „Ареа“ и имаме програма за сите вкусови“, рече Костадинов.

Уметничкиот директор на фестивалот, Живоин Глишиќ, информираше дека на Јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 20.
„Сметам дека тоа што го направивме и од тоа што го нудиме е само продолжување на сето што го направивме досега на фестивалот, односно ова е петта година како овој уметнички и директорски состав го правиме фестивалот и сметаме дека направивме едно големо искачување на одредено ниво на Фестивалот“, рече Глишиќ.

На вчерашната прес-конференција со жрепка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.
Со извршување на жрепка се определи распоредот на песните и изведувачите на „Фолк Фест Валандово” и тоа по следниот редослед:
- Раде Младеновдки – Усни ти љубам
- Оливер Алексовски – Мирисот на дома
- Мишко Крстевски – Само ќе ти пејам
- Александар Здравков – Проклета биди
- Јованка Јо – Одаја за нас
- Ивана Стојановска – Скарана со љубовта
- Анастасија Митровска – Тропни ми на порти
- Ангела Влинтовска – Темјана
- Борче Наумовски – Благи думи за Благица
- Бојан Палиќ – Маре душо
- Драган Николовски – Мерак живот балкански
- Сашо Башевски – Спомени
- Живе Мешуревски – Еј мешано
- Габриела Новевска – Го чекам аберот
- Марио Петрушевски – Лична Македонка
- Методија Столевски – Земи ме
- Иван Стојанов – Љубов невозвратена
- Софија и Никола – Љубовта е оган
- Лени Партикова – Искрена љубов се бара
- Игор Ангелов – Удрете ајде
Музичкиот портал Музика24 и оваа со своја екипа ќе биде дел и од ова валандовско фестивалско издание, инаку водители и годинава традиционално на „Фолк Фест Валандово” се Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев. Македонската радио и телевизија на своите програми директно ќе го пренесува „Фолк Фест Валандово”.
