Во прв ред

Со спектакуларни и забавни настани во Прилеп Прилепската пивара го прославува својот 100 годишен јубилеј

Своето едновековно успешно постоење како еден од најцврстите столбови на македонското стопанство, Прилепската пиварница, продолжува да го одбележува со низа спектакуларни, роденденски настани.

Вечерва, Прилеп ќе биде центарот на една од најголемите роденденски забави на отворено, каде според најавите на домаќинот и организатор, генералниот директор на Пиварницата, Сашо Самарџиоски, прилепските пива ќе се продаваат по цена од само 50 денари, а додека останатите пијалоци од широката производна лепеза, ќе можат да се купат за само 40, односно 30 денари. За забавниот дел пак, како што веќе е познато ќе се погрижат ДНК, Тропико бенд и Марија Шерифовиќ.

„Се трудевме да има музика за секоја возраст, за секој вкус, за да можат да се забавуваат што повеќе наши сограѓани и гости кои ќе дојдат од другите места. За најдобро да се доживеат перформансите на сите овие ѕвезди, договорено е да се постави музичка сцена која претходно била поставувана во златните времиња на постоење на Пивофестот. Сцената е со димензии 12 на 8 метри, со три лед екрани, еден централен, со димензии 10 на пет метри и плус два странични со димензии пет на три метри за да може одсекоја страна да се гледа секој артист“, изјави Сашо Самарџиоски, генерален директор на Прилепска пиварница.

Денешниот датум на одржување на оваа роденденска забава не е случаен. Според документите, но и според кажувањата на најстарите живи наследници на оние кои во далечната 1924 година скромно ја започнале успешната приказна на Пиварницата, а која подоцна прераснува во своевиден гигант, нејзините почетоци се врзуваат токму со 12 јули, односно со „Петровден“, објаснува Самарџиоски.

„Ќе продолжиме со исто темпо да работиме, да произведуваме високо-квалитетни производи, да ги изненадуваме секогаш со нови производи, нови вкусови, како и редовно со промотивни активности“, кажа Самарџиоски.

Инаку, досега во текот на оваа значајна јубилејна година, Прилепската пиварница ја одбележа со низа активности, а кои ќе продолжат и до крајот на годината. Меѓу нив ќе биде и таканаречениот „фамилијарен ден“ на кој ќе бидат поканети сите бивши, пензионирани и сегашни работници во Прилепеската пиварница.

Можеби ќе ве интересира: