На денешната прес-коференција одржана по повод 13-то издание на Струмица Опен Фест, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов како и Томи Печков од Здружението на граѓани „Културно забавен живот“ коешто е всушност и организатор на оваа реномирана културна манифестација во Струмица, пред новинарите ја соопштија и објаснија културно-забавната програма за времетраењето на фестивалот.
„За општина Струмица особено е важен културниот развој и промената на менталната матрица на струмичани во нешто што е здраво и убаво и во ова наше секојдневие навистина е време и ред да ставиме на пиедестал нешто што е убаво. На мое огромно задоволство од 22 јули па до 20 август ќе се реализира Струмица опен фестивал со сите убави настани од различни аспекти и за различни категории на граѓани.
Се надеваме дека ќе ги погодиме вкусовите на сите струмичани, но сакам да потенцирам дека вратите на Струмица се отворени за сите граѓани на Република Македонија и очекуваме дека и оваа како и секоја година, ќе имаме огромен број на граѓани кои ќе бидат дел од сите настани на Струмица опен фестивал. Тоа што мене посебно ме радува е отвореноста на младите струмичани да бидат активни учесници во фестивалот и на тој начин придонесуваат за одржување и континуитет на локалниот бренд Струмица опен фестивал. Важно е да се потенцира дека Општината останува главен и генерален покровител на фестивалот и уште поважно е како и претходната година нема да имаме изведувачи од страна, туку ќе бидат македонски изведувачи коишто во најголем дел ќе изведуваат македонски песни. Веруваме во тој принцип на работа и секако остануваме посветени и оваа, но и годините пред нас да го променуваме летното струмичко секојдневие со нешто навистина убаво.
Како генерален покровител, со одлука на Советот на општина Струмица при изготвувањето на општинскиот буџет, одвојуваме близу 3 милиони денари за покривање на Струмица опен фестивалот, но сепак сме флексибилни и јас како градоначалник и организаторите и доколку сметаме дека одреден настан или активност може да го збогати портфолиото на фестивалот, сме подготвени и имаме финансиски можности да ги поддржиме и нив“, рече градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.
Томи Печков од Здружението на граѓани „Културно забавен живот“ ја образложи музичко-забавната програма на овогодинешното фестивалско издание. Тој меѓудругото најави голем број на музичко-забавни настани, изложби, концерти од кои како најинтересни ќе ги споменеме концертната промоција на најновиот албум на светски познатиот а сепак наш Иван Кукиќ кој што ќе се одржи на 13-ти август, на 15-ти август концерт ќе одржат ДНК, додека пак на 16-ти август концерт ќе одржат познатите македонски артисти Пајак и Лара.
На 17-ти август ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар од Битола со изведба на најдобрите македонски рок хитови, а како изведувачи на истите на сцената ќе се појават Ружица Брчиоска (Ареа), Дани Димитровска, Наде Талевска, Ана Петкановска и Сашо Паркет. Следниот ден 18-ти август, во старата градска чаршија ќе се одржи интересен настан под мотото „Поврзи се со староградскиот бит“. Тоа всушност ќе биде концерт на познатиот ансамбл „Билјана“ од Охрид кои ќе отпеат песни од својот репертоар. И на 20-ти август во малиот градски парк како завршен настан ќе се одржи концертот „Струмички евергрини“.
Доколку ви се допадна изборот на музичката програма и имате ваш фаворит, и ова лето ваш избор нека биде Струмица Опен Фестивал и настаните кои секојдневно ќе се случуваат во рамките на овој фестивал.
