Фестивали

Немања Радошевиќ од Србија им покажа како тоа се прави – победи на Интернационалната вечер на “Охрид фест 2024”

По првата фолк вечер, во саботата (30.08.) се одржа и втората интернационална вечер на “Охрид фест” (31.08 недела), каде на сцената освен веќе етаблирани познати музички имиња, се појавија и млади лица кои добија шанса да се претстават пред македонската публика и тв гледачите на Канал 5 телевизија која вршеше директен пренос на фестивалот.

Композицијата “Љубав има план” во изведба на младата и убава Лола Пухар од Хрватска која многу потсетуваше на Јелена Розга, ја отвори Интернационалната вечер, а потоа се течеше како подмачкано. Се редеа изведувачите, се редеа и песните. Во неколку наврати водителскиот пат Дејан Лилиќ и Маријана Станојковска доделуваа награди кои се вон конуренција на натпреварувачите и кои заслужено беа доделни на вистински музички имиња.

  • Лео Мартин доби признание „Песна на сите времиња“ за антолгиската „Одисеја“, која сѐ уште со задоволство се слуша. Тој оваа песна ја изведе на фестивалската сцена. Инаку, „Одисеја“ е снимена пред околу 51 година.
  • И познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ го доби истото признание за одличната песна „Јутро“, како што велат многумина, мелодија која што е нејзијна лична карта.
  • Кристијан-Кики Рахимовски, постхумно доби признание посветено на неговиот татко, пејачот на „Парни Ваљак“, Аки Рахимовски.
  • А и познатиот Срѓан Маријановиќ доби признание за успешна 50 годишна музичка кариера.

На фестивалската сцена слушнавме песни на кои рака на срце и не им беше местото, но затоа пак имаше песни кои грмеа и Долни сарај, каде се одржуваше и оваа втора фестивалска вечер, на моменти ечеше од добра и квалитетна музика.

“Охрид фест” го одбележа јубилејот – половина век со музиката на еден од најдобрите гитаристи во Европа, нашиот Влатко Стефановски.

Како почесен гостин годинава на “Охрид фест” беше претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска – Давкова, која што со своето присуство привлече огромно влијание и на крајот од фестивалската вечер се фотографираше со речиси сите оние кои беа дел од публиката.

Како дел од стручното жири на Интернационалната вечер на “Охрид фест” беше и познатиот Саша Милошевиќ- Маре кој всушност и сите го препознаваме по победничката и евровизиска „Молитва” кој во оваа прилика изјави дека му е посебно мило што е во Охрид и што има чест да биде дел од стручното жири. Нашата колешка Билјана Крнческа од австралискиот портал “Свет Аустралиа” направи ексклузивно интервју со Маре, кое ние со задоволство ќе ви го пренесеме.

А што се однесува до доделувањето на наградите, на Интернационалната вечер наградени беа:

  • Награда за интерпретација ја доби Дорис Димовска,
  • Награда за Најтрубадурска поп композиција доби Стефан Спировски за композицијата „Љубов моја“,
  • Награда за најдобра аудио продукција: Студио Тра ла ла за песната “Лага”,
  • Наградата за најдобар дебитант му припадна на младиот Илија Јовчев,
  • Награда за најдобар сценски настап ја доби Славчо Крезовски,
  • Наградата за најдобар аранжман отиде во рацете на Давор Јорановски за композицијата “Нека свети”,
  • И наградата за најдобар текст ја доби композицијата “Нека свети” а ја доби Весна Малинова,
  • Новинарите како и секогаш и овој пат гласаа за најдоброто, па така наградата од акредитираните новинари на “Охрид фест” ја доби гостинот од Србија, одличниот Немања Радошевиќ,
  • Наградата за најслушана песна помеѓу двата фестивали ја доби композицијата „Шепни ми“, и
  • Наградата „Долни Сарај“ ја доби младиот прилепчанец Сергеј Попоски.

А веднаш по доделувањето на овие награди, се редеа и оние од стручното жири и наградите од публиката:

  • Третата награда од стручнто жири на фестивалот ја доби Милан Бујаковиќ од Србија, за композицијата „Дама“,
  • Втората награда ја доби Милодраг Мијушковиќ од Црна Гора, за композицијата „Чувам те“ и
  • Првата награда од стручното жири на “Охрид фест” и припадна на Мила Николовска – Ѓумар, за композицијата „Лага е“.
  • Третата награда пак од публика, падна во рацете на Емин Печанин од Хрватска, кој ја отпеа композицијата „Недао ти бог“,
  • Втората награда од публика ја доби преубавата Лола Пухар од Хрватска и
  • Првата награда и победник на Интернационалната вечер на 31-то издание на “Охрид фест” беше прогласен Немања Радошевиќ од Србија, која ја отпеа одличната „Јутра без тебе“.

Со прогласувањето на наградените и доделувањето на истите заврши и овогодинешното 31-издание на “Охрид фест”. Се надеваме и веруваме дека и следната година ќе имаме уште поголеми и поинтересни гости и музички имиња од Балканот и хитови кои ќе се слушаат и слушаат.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Охрид фест

Можеби ќе ве интересира: