На 52-то издание на Фестивалот „Студентско Лето“ кој што се одржува во Маглај, Босна и Херцеговина, на вечерта на народна музика пејачот Денис Димоски од Македонија освои трета награда од новинарското жири.
Тој се претстави со традиционалната македонска песна „Јано Мори“ која имаше феноменален прием кај локалната публика. Денис Димоски е инаку вокален солист во Македонската опера и балет.

Помеѓу македонските изведувачи настапи и Марио Петрушевски од Скопје кој се претстави со песната „Романија“ на Халид Бешлиќ. Иако не дојде до награда, домашната публика и жирито позитивно реагираа на неговата интерпретација.
На вечерта на народна музика главната награда ѝ припадна на Мина Мујкиќ од Белград која ја испеа безвременската ромска песна „Џелем џелем“, а награди освоија и Онур Пашага и Сабри Хоџаоглу од Турција, како и Карина Зајец од Украина.
