Миле Кузмановски повторно изненадува, овој пат станува збор за неколку негови нови проекти. Тој во последните неколку месеци работеше на неговото ново ЦД кое што е едноставно насловено “Крал без круна”, кое што е направено и со ДВД изданието од неговиот голем концерт одржан минатата 2012-та година. Новото ЦД “Крал без круна” претставува сплет од нови досега неслушнати песни како што се: “Роман”, “Ако слушаш”… но и староградски незаборавни македонски песни. Ова двојно (ЦД/ДВД) издание на Кузмановски го издава познатата Сенатор Рекордс.
Инаку, неодамна Миле Кузмановски сними спот за неговата нова песна “Шприцер”, чиј комплетен автор е Александар Митевски и истата е снимена во студиото “Торус”. Спотот е сниман во ресторанот “Ин Виво” од страна на “Фабрика” продукција. Како што вели самиот тој, песната има весел ритам и е приказ на животот кој понекогаш е проткаен со среќа, а понекогаш со тага. Порака на оваа нова песна е насочена кон љубовта и секако убавите моменти од животот сето тоа парафразирано со измешан пијалок – шприцер. Оваа нова песна премиерно ќе биде промовирана на фолк фестивалот “Роса” кој што според официјалните најави треба да се одржи на 29-ти ноември.
“И како што ветив на својата публика, концертот за 2014-та година е веќе закажан за 14-ти февруари, Денот на виното и љубовта и ќе се одржи во Универзална Сала”, изјави Миле Кузмановски.
Подготви: Марија Поповска
