Со кревање на фестивалското знаме, вчера 24-ти октомври и официјално беше стартуван Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во Штип. Веднаш потоа следеше и прес-конференцијата за новинарите на која што освен Градоначалникот Јорданов, беше целиот организациски тим кој што и годинава стои зад ова фестивалско издание.
“Почитувани медиуми, навистина ми е драго што по 39-ти пат успеваме да се носиме со предизвикот. Штип е гостин на многу гости коишто викендов ќе бидат дел од „Макфест“. Штип, Македонија и граѓаните на Штип викендов ќе живеат во знакот на „Макфест“, со песните на „Макфест“. Она што мене искрено ме радува е тоа што оваа година организациски се подобривме во насока на модернизирање на фестивалот и во насока на презентирање на едни мелодии коишто ќе го одбележат ова време. Никогаш не ќе можеме да го вратиме стариот сјај на „Макфест“, но затоа работиме да го презентираме новиот сјај на „Макфест“ и новото време онака како што бара публиката. Токму во оваа насока беа напорите на Општина Штип заедно со целата екипа, со уметничкиот директор да се создадат едни модерни услови и услови да се презентираат едни хитови кои како што реков ќе го одбележат новото време. Посакувам убав викенд, многу хитови кои ќе произлезат од овогодинешниот „Макфест“, да бидат слушани и пеани и на тој начин да ја продолжиме традицијата и да го негуваме брендот кој што го имаме, а тоа е единствениот Фестивал на забавни мелодии „Макфест“, изјави Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Веднаш по Градоначалникот Јорданов, пред присутните медиуми се обрати и уметничкиот директор, Роберт Саздов кој меѓудругото истакна дека во ревијалните вечери на фестивалот и оваа година се потрудија да имаат познати и еминентни македонски музички имиња, а во текот на вечерта на фестивалската сцена ќе се престават 13 нови и малку познати изведувачи кои веќе имаат настапено на некој музички фестивал или пак ова ќе им биде прв настап на вака голема фестивалска сцена.
“Како што тоа обично бива поголем број од нив ќе имаат кариера од неколку децении, а некои од нив за неколку години можеби ќе фатат и друг правец и нема повеќе да се бават со естрада, меѓутоа нашата искрена желба е да сите кои што учестуваат на „Макфест“ во оваа и секоја следна година да имаат голем допринос на македонската музичка сцена и да останат со децении да творат и од некои нив еден убав ден да замат и учество во организацијата на „Макфест“ и да помогнат и понатаму да живее ова наша естрада”, изјави Роберт Саздов, уметничкиот директор на „Макфест“.

Александар Арсовски пак, продуцент на фестивалот и дел од организацискиот тим истакна дека му е огромна чест што е дел од тимот кој го организира 39-то издание на македонскиот музички бренд „Макфест“. Сите проби и подготовки за старт на фестивалот се завршени, а меѓудругото тој кажа и дека изведувачите ќе бидат придружувани со оркестар во живо.
Јован Јованов, член на уметничкиот совет на фестивалот, ги спомена сите изведувачи кои настапија вчера вечер на фестивалската сцена и при тоа напомена дека само пет од нив влегуваат во втората ревијална вечер. Начинот на гласање е публика (еден посетител – еден глас) и стручно жири 50-50. На крајот од вечерта ќе се соберат гласовите од публиката и ос стручното жири и ќе се одлучи кој продолжува понатаму.
По завршувањето на сите изведувачи, на фестивалската сцена во ревијалниот дел се појавија Андријана Јаневска и Ѓоко Таневски. Водители на сцената беа Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски.
