По официјалното кревање на фестивалското знаме, прес-конференција и генаралната проба, вчера вечер во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се случуваше вистинска музичко-модна еуфорија на црвениот тепих. А тој пак, препознатлив за „Макфест“ на кој што секоја година пред и официјалното стартување на вечерта се појавуваат изведувачите, гостите, водителите, јавни личности од општествениот и секојдневен живот на градот Штип, но и ние новинарите коишто оваа година заслуживме да бидеме дел од истиот.

По влегувањето на водителскиот пар, Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, на црвениот тепих поминаа и Градоначалниот Иван Јорданов со својата поубава половина, како и изведувачите на кои веруваме дека срцата силно им трепераа од она што и како ги очекува на фестивалската сцената.
Како и секоја година, па така и оваа, телевизискиот пренос го вршеше Македонската радио и телевизија која што и овој пат покажа за својата професионалност и организираност.

Со препознатливата, повеќе децениска и незаменлива химна на фестивалот започна првата фестивалска вечер на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. А на сцената, како во некои добри стари времиња, се појави токму таа, Вера Јанковиќ која што само во свој и оргинален стил ги донесе едни од најубавите хит макфестовски рефрени и всушност со тоа го започна и 39-то издание на „Макфест“. Откако нејзината раскошност и убавина со одличната тоалета во рок стил на Елена Лука позитивно ги изненади присутните, а веруваме и гледачите на МРТВ, и откако емотивно како некогаш ги поздрави присутните и посака убава и интересна макфестовска вечер, на сцената се појавија Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски водители на „Макфест“.
Чест и привилегија да го скрши ледот и прв да се појави на сцената ја имаше Дамјан Стоименовски кој што ја отпеа композицијата „Исти сме“, а веднаш потоа се редеа и Калина Александар, Сергеј Попоски, Тоше Ангелески, Сања Тодоровиќ… и многу други кои Маријана и Димитар ги најавува во блокови од по три композиции.
Рака на срце и да бидеме повеќе од реални… на повеќето од учесниците вчера вечер не им беше местото на онаа гламурозна, голема фестивалска сцена на која што многу одамна многу познати музички имиња од Македонија и Балканот газеле и се натпреварувале. Повеќето од нив треба пред се да научат што сакаат во животот, бидејќи за да бидеш пејач не е само да се појавиш на сцената со огромна желба и љубов во себе… нормално, пред се треба да имаш огромен талент, страст кон она што навистина сакаш и се трудиш да бидеш. Кон она што е навистина е твојата цел. Но како и да е. Вчера вечер слушнавме и многу убави песни, запознавме и многу убави нови музички имиња кои знаеме дека ова нема да им биде прво појавување на сцената.

По настапот на гостинот од Босна и Херцеговина Ален Хрбиниќ Росси кој на македонски јазик ја отпеа композицијата „Со тебе“, заврши и официјалниот натпреварувачки дел. Публиката без размислување гласаше за својот музички фаворит, а на сцената во ревијалниот дел на првата фестивалска макфестовска вечер се појавија секогаш одличната Андријана Јаневска облечена во совршена црвена тоалета, како и Ѓоко Таневски долгогодишен учесник на „Макфест“. Тие еден по друг ги отпеаа можеби најубавите и незаборавни макфестовски рефрени кои колку и години да поминат засекогаш ќе се пејат.
По завршувањето на ревијалниот музички дел водителите на вечерта се појавија на сцената за да стават крај на оваа прва фестивалска вечер со најава дека за утрешната ќе има повеќе музички изненадувања, повеќе забава, но и повеќе македонски музички ѕвезди.
Од Штип за Музика24: Иван Јосимовски
