Музика на кирилица

Александра Трајческа: После враќањето од крузер, во фебруари ќе ја промовирам мојата најнова песна (Видео)

Неодамна во Штип се одржа Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ каде втора година по ред ја гледаме младата, интересна, убава и харизматична прилепчанка Александра Трајческа. Таа има 20 години и подолг временски период се занимава со музика. За време на основното училиште има учено пијано и соло пеење, додека пак после првата година средно музичко во Битола, се враќа во Прилеп на сосема друга насока во образованието.

Таа денес е девојка со големо музичко искуство зад себе, заедно со својот бенд често настапува во градовите низ Македонија, од кои најомилени и се Скопје, и секако Прилеп.

Пред одржувањето на „Макфест“ таа сними подкаст за ОТВ – Прилеп каде откри многу работи за себе кои веруваме малкумина ги знаат. Меѓудругото, така откри дека често (на неколку месеци) знае да замине и да работи на крузер, односно, брод каде често патуваат и се забавуваат повозрасни парови и личности, а таа пак и таму е пејачка и го пее својот задолжителен музички репертоар.

„Јас не ни знаев што е тоа крузер, морав да гуглам (се смее). Јас на одмор претходно најдалеку до Охрид имав појдено, а не пак да зборуваме за медитеран. Најпрво не го познавав концептот на крузер. И морав да истражувам што значи тоа и дека ќе бидеме 2.000 луѓе вработени и уште 6.000 гости. Јас бев на еден од најголемите крузери во компанијата. Многу ми се допадна што се е професионално. Ги нема оние приказни – ќе се договориме кога ќе дојдеш, како, што… Се си е договорено и однапред се знае што пееме, колку пееме, како треба да изгледаме на сцена, колку време тоа би траело, колку точно сме платени… нема ајде уште една песна, шоуто трае додека трае. Ти си забавата. Нема тука простор да читам текст од некоја песна. Страшно професионално. Репертоарот кој што требаше да го подготвам пред да заминам беше 250 песни, кои ги научив за месец и половина, речиси два месеци“, вели Александра во подкастот.

Таа вели дека добра и квалитетна музика има во секој жарн. И дека сака да пее се она што е убаво и добро, па дури и да е фолк музика.

„Мојата следна песна е малку поалтернативна, соработувам со дечки од Скопје. Нешто во скопски фазон, но ќе биде интересно. Песната го носи насловот „Те чекам“. Песната ќе излезе во фебруари, мислам дека има доволно време, па штом се вратам од брод ќе ја промовирам пред македонската јавност“, додава Александра која наскоро повторно заминува на работа на крузер.

Што друго кажа младата и позната Александра Трајческа за својата кариера, секојдневието, што и како планира и слично, погледнете го подкастот на ОТВ – Прилеп – „Во еден кадар“.

ВО ЕДЕН КАДАР - Александра Трајческа

Можеби ќе ве интересира: