Сара Мејс и нејзините девојки ја развеселија публиката на Божиќниот концерт што се одржа синоќа (10-ти јануари) во распродадената сала на Велешкиот театар. Со изведба на Божиќни песни, придружувани од Камерниот оркестар од Битола, тие ја донесоа магијата на празничната вечер.
„Вообичаено за Божик, семејството се собира дома за да го одбележи овој голем христијански празник. Ви благодарам што нѐ примивте како дел од вашето семејство и ни дозволивте со оваа музичка вечер да донесеме убави и пријатни емоции“, рече Мејс на почетокот на концертот, кој траеше час и половина.
Публиката уживаше во хитовите на Мараја Кери и дуото „Вем“, како и во изведбата на традиционалните новогодишни песни. Во два наврати ја изведоа „Jingle Bells“, а капела верзијата ја крена публиката на нозе. Мејс и девојките ги изведоа македонските божиќни песни „Вечниот Бог“ и „Небо и земја“, како и украинската „Шчедрик“. Мејс, свирејќи на харфа, ја изведе и својата песна „Псалм 150“.
Концертот продолжи со поп хитови и заврши со изведби на „Њујорк, Њујорк“, „Фелиз Навидад“, „Елко, елко“ и песната на Сара Мејс „Среќна Нова година“. Публиката со громогласен аплауз не дозволи изведувачите да заминат од сцената, па тие се појавија уште два пати на бис.
Концертот беше со хуманитарна цел, организиран со поддршка на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и Општинската организација на Црвен Крст Велес. Сите средства од продадените билети ќе се искористат за набавка на потребна опрема за Детското одделение на Општа болница Велес.
