Познатата пејачка, виолинистка и професорка Андријана Јаневска го отвора месецот на љубовта со нова емотивна песна – „Не биди тој“. Оваа нежна, но моќна балада носи длабока порака, обликувана преку музиката и аранжманот на Александар Јовевски, текстот на Весна Малинова и виолинските мелодии отсвирени од самата Јаневска.
Продукцијата на песната е во рацете на нејзиниот сопруг, Драган Гиновски-Гино, кој со виртуозните гитарски делници создаде интимна атмосфера што ја надополнува емотивноста на баладата.
Но, музиката е само еден дел од нејзината приказна. Во мај 2024 година, Јаневска ја заокружи својата академска кариера со титулата доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нејзиното истражување траеше 11 години, при што патувајќи низ селата во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, успеа да собере 109 автентични народни песни.
„Сѐ започна во 2014 година, кога бев во шестиот месец од бременоста со мојот втор син. Со тригодишниот постар син и мојата 75-годишна свекрва отпатувавме за Тирана, каде што се сретнав со преселници од Голо Брдо. Тоа беше почеток на едно незаборавно патување низ времето и музиката“, раскажа Јаневска.
Со новата песна „Не биди тој“, таа уште еднаш докажува дека љубовта – било да е во музиката, истражувањето или животот – е нејзината најголема инспирација.
