Фестивалот што ја слави македонската песна – „Фолк Фест Валандово“, годинава го доживува своето 38-мо издание, ветувајќи уште една незаборавна музичка приказна.
Во срцето на мај, 23-ти, 24-ти и 25-ти, Валандово повторно ќе стане центар на македонската музика, каде што ќе се родат нови хитови и ќе оживее духот на традицијата. Официјалната листа на 22 новосоздадени македонски песни е веќе објавена, а финалната вечер ќе ни ги донесе најдобрите од најдобрите.

Но, пред големото финале, OFF програмата и оваа година ветува спектакл. Првите две вечери ќе бидат исполнети со настапи на големи музички имиња од Македонија и Балканот, додавајќи дополнителен сјај на фестивалот. Ако во минатото сцената ја раздвижиле Ана Бекута, Жељко Самарџиќ, Љубојна, Владо Јаневски, Игор Џамбазов…, оваа година нè очекуваат нови изненадувања и уште поголем музички хепенинг.
Останува да видиме кои ќе бидат ѕвездите на овогодишното издание, но едно е сигурно – Валандово повторно ќе пее со срце и душа!
