Домот на АРМ синоќа беше исполнет со љубов кон Македонија, силни емоции и музика што допира до срцето – сето тоа во рамките на 35-тото издание на Фестивалот на патриотски и родољубиви македонски песни – Гоце Фест. Оваа традиционална манифестација, која секоја година ги слави ликот и делото на Гоце Делчев, но и убавината на нашата татковина, и оваа година донесе 21 нова песна, 21 изведувач и една незаборавна вечер.

Голем број познати македонски музички имиња заедно со нови, млади таленти ја збогатија сцената со нивните маестрални настапи. Публиката уживаше во перформансите на Круме Спасовски, Серафина Фантаузо, Група Фантастик бенд, Ванчо Тарабунов, Ани Малинкова, Лилјана Прнаркова и многу други. Изведбите беа исполнети со страст, љубов и гордост кон Македонија, а атмосферата беше исполнета со енергична патриотска химни, нежни балади и динамични ора што ги кренаа сите на нозе.

По завршувањето на сите изведби, жирито и публиката добија време да ги изберат своите фаворити. Резултатите беа следни:
- Прва награда од публиката: Ванчо Тарабунов – „На многаја лета“,
- Втора награда: Петар Нечовски и Патрик Николов – „Деца бевме, пораснавме“ и
- Трета награда: Дарко Стојаноски – „Доста веќе е мој народе“

Одлуката на жири-комисијата донесе нови победници:
- Прва награда од жирито: Горан Тодоровски – „Гоце и војводите од Мрвашко“,
- Втора награда: Фантастик Бенд – „Говрчево“ и
- Трета награда: Јулија – „Само љубов, мир и песна“ & Василија Петрова – „Оро македонско“

Фестивалот не заврши само со главните награди – беа доделени и специјални признанија за извонредни музички достигнувања:
- Најдобар аранжман: Гоце и војводите од Мрвашко – Горан Тодоровски
- Најдобар текст: Томислав Коцевски – „Ти си синот Македонски“ (изведба: Серафина Фантаузо)
- Најдобар дебитант: Група Здраве Мјузик – „Вечна да е Македонија“
- Награда „Никола Бадев“ за најдобра интерпретација: Катерина Брезева & Група Соната – „Момче Македонче“ & Методија Столески за песната „Руво Зетовски“
- Награда „Јонче Христовски“ за највпечатлив настап: Кирил Чокузовски – „Македонијо“.



Фестивалот оддаде признание на оние кои го посветиле својот живот на неговото унапредување. Специјални награди добија Лилјана Прнаркова, Круме Спасовски, Ванчо Тарабунов, Ангеле Ниневски и Пеце Здравковски, кои со години го збогатуваат Гоце Фест.
Оваа година, Гоце Фест уште еднаш потврди дека љубовта кон Македонија и патриотската песна се вечни. Водителката Сузана Апостоловска со својата харизма ја водеше вечерта, а целата манифестација беше снимана и наскоро ќе биде емитувана на Македонска ТВ Сонце.

Ако не бевте дел од магијата оваа година, не грижете се – следната година Гоце Фест повторно ќе ве воодушеви со нови песни, нови ѕвезди и уште поголема љубов кон татковината!
Подготви: Иван Јосимовски
