Магазин

Нијагарините водопади во црвено-жолта боја во чест на жртвите во Кочани

Во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во Кочани, Нијагарините водопади синоќа беа осветлени во боите на македонското знаме. Овој симболичен чин се одржа во периодот од 21:00 до 21:25 часот по локално време, при што и американската и канадската страна на водопадите блеснаа во црвено и жолто.

„Ова осветлување има за цел да им оддаде почит на загинатите и да понуди поддршка на сите кои тагуваат по трагедијата во македонскиот ноќен клуб“, изјави за канадскиот дневен весник The Star, Крис Гилс од Нијагара Паркс.

Меѓу оние кои ја споделија својата тага и емпатија беше и Крис Палијаре, македонски адвокат од Торонто, чие семејство има повеќе од 100 години историја во Канада. Тој истакна дека ваква несреќа во мала земја како Македонија има уште подраматично влијание, бидејќи многу луѓе се меѓусебно поврзани. Ова не е првпат Нијагарините водопади да светат во македонските бои. Во 2021 година, во чест на 30-годишнината од независноста на Македонија, исто така беа осветлени во црвено и жолто.

„Во Канада постои признание за долготрајниот придонес што Македонците го дале во оваа земја. Овој чин носи огромно чувство на гордост“, додаде Палијаре.

Гестот на осветлување на Нијагарините водопади претставува силен симбол на солидарност и поддршка за македонскиот народ, покажувајќи дека трагедијата во Кочани одекна и надвор од границите на Македонија.

Можеби ќе ве интересира: