Како што денеска објави општина Валандово, 38-то издание на најголемиот македонски фолк фестивал, Фолк Фест Валандово, ќе се одржи на 25-ти мај (недела) во фестивалската сала „Јанко Узунов“, со почеток во 20:30 часот.
Традицијата продолжува со две спектакуларни оф вечери на 23-ти и 24-ти мај на градскиот плоштад во Валандово, каде што граѓаните и гостите ќе уживаат во настапите на најпознатите македонски музички имиња.
На 23-ти мај (петок) со почеток во 21:00 часот, први на сцената ќе се појават Кико Болеро и Болеро Бенд, по што следи настапот на Сузана Спасовска, а вечерта ќе ја заокружи секогаш моќната Тамара Тодевска. Следната вечер, на 24-ти мај (сабота), исто така со почеток во 21:00 часот, публиката ќе ја забавуваат харизматичниот Тајзи, потоа вечно насмеаната Каролина Гочева и енергичниот Ike De Koka.

Кулминацијата ќе биде официјалната фестивалска вечер на 25-ти мај, каде што ќе бидат претставени 22 нови песни, со надеж дека многу од нив ќе станат идни македонски хитови, кои ќе одекнуваат на радио станиците и телевизиите низ земјата.
Фолк Фест Валандово останува еден од најважните чувари на македонската музичка традиција, нудејќи на публиката богатство од емоции, нови звуци и незаборавни моменти.
