World Music

Фановите на „Оезис“ измамени за милиони: Лажни билети ја засенија еуфоријата од обединувањето

Обожавателите на култниот британски бенд „Оезис“ изгубиле повеќе од два милиона фунти (приближно 2,3 милиони евра) поради измами на социјалните мрежи, откако поверувале дека купуваат билети за долгоочекуваните концерти по повторното обединување на групата, соопшти британската банка „Лојдс“.

Според банката, најмалку 5.000 лица низ Обединетото Кралство станале жртви на измамници кои нуделе лажни билети, главно преку реклами на „Фејсбук“. Податоците покажуваат дека меѓу клиентите на „Лојдс“ биле забележани речиси 1.000 измамени лица, со просечна загуба од 436 фунти по лице, а еден купувач изгубил дури 1.700 фунти.

Објавата на браќата Лијам и Ноел Галагер за повторно формирање на „Оезис“, 15 години по нивното разделување, предизвика вистинска еуфорија кај фановите. Билетите за концертите во Кардиф, Манчестер, Лондон, Единбург и Даблин беа распродадени за само еден ден, а хаосот на платформите за продажба и брзото покачување на цените само дополнително ги фрустрираше љубителите на бендот.

Во вакви услови, многумина наседнаа на примамливи, но лажни понуди на социјалните мрежи. Лиз Зиглер, директор за спречување измами во „Лојдс“, предупреди дека токму присуството на толку многу лажни реклами, и покрај официјалните правила на платформите, покажува дека социјалните мрежи мора да преземат посилни мерки за заштита на корисниците.

Покрај измамите, скандал ја потресе и платформата за продажба на билети „Тикет мастер“. Британскиот регулатор за конкуренција (CMA) во септември отвори истрага за нивната пракса, испитувајќи дали купувачите биле доведени во заблуда или ставени под притисок да купуваат билети набрзина. Се проценува дека „Тикет мастер“ продал над 900.000 билети за концертите на „Оезис“.

Новото обединување на „Оезис“ требаше да биде славење на музиката и носталгијата, но за многумина, засега, останува горко искуство со скапа цена.

Можеби ќе ве интересира: