Во прв ред

Владимирци добија нов храм на културата: Се отвори фестивалската сала „Ванчо Чавдарски“ (Фото+Видео)

Со свечена програма, настапи на истакнати уметници и големо присуство на гости и медиуми, оваа сабота Владимирци официјално ја отворија новата фестивалска сала „Ванчо Чавдарски“ – нов културен бисер на Малешевијата.

Настанот помина во свечена и емоционална атмосфера, исполнета со гордост и големи надежи за уметничка ренесанса во овој крај. Програмата ја збогатија настапи на врвни имиња како оперскиот баритон Борис Трајанов, Камерниот оркестар „Скопски солисти“ под диригентство на Иван Еминовиќ и обоистот проф. Васил Атанасов.

Свеченоста беше организирана под покровителство на Здружението З.В.И.С. и Културниот Центар „Горан Алачки“, а во центарот на вниманието беше маестро Горан Алачки – идеен творец на целиот проект.

Гостите беа пречекани традиционално – со погача и сол, а млади деца облечени во македонски народни носии внесоа автентичен дух во церемонијата. Меѓу присутните се издвојуваа Камелија Левенска, потомок на славното семејство Левенски од Владимирци, Ленче и Горан Кукиќ, како и харизматичната беровка Жаклина Узунова.

Оваа сала, во која овој викенд блесна уметноста, набрзо ќе биде домаќин на уште еден голем настан: „Фолк Фест Владимирово“, закажан за 29-ти мај, на големиот христијански празник Спасовден, кој воедно е и слава на селото. Организиран од Културниот центар „Горан Алачки“, фестивалот носи свежина и професионализам на македонската фолк сцена. Концептот е оригинален, со внимателен избор на учесници – музички доајени и естрадни ѕвезди чиј кредибилитет гарантира квалитет.

На сцената на првото издание на „Фолк Фест Владимирово“ ќе настапат:

  • Драган Мијалковски – „Тука сум роден јас“;
  • Круме Спасовски – „Мирна река тивко тече“;
  • Жуица Лазова – „Срце предавник“;
  • Горан Кукиќ – „Голем мерак имам јас“;
  • Жаклина Узунова – „Засекогаш“;
  • Благоја Грујовски – „Еј, жено ти“;
  • Ленче Кукиќ – „Ракија се пече“;
  • Наум Петрески – „Горо ле, горо“;
  • Ванчо Тарабунов – „Јован делија“;
  • Нино Величковски – „Стара ламба трепери“;
  • Перо Христов – „Лиљано моја“;
  • Виданка Георгиевска – „Наша Македонија“.

Музичкиот портал Музика24.мк е горд медиумски партнер на „Фолк Фест Владимирово“, поддржувајќи ја оваа важна иницијатива која има за цел не само да го оживее културниот живот во помалите средини, туку и да внесе нов сјај на македонската традиционална сцена.

Со свеченото отворање на салата „Ванчо Чавдарски“ и со најавата за „Фолк Фест Владимирово“, Владимирци и целиот Малешевски регион добиваат не само модерна инфраструктура, туку и нов културен пулс кој ветува многу идни блескави моменти.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: