Фестивали

Дојран добива нов летен фестивал – „Дојран Д-фест“

По 14 години одржување на „Д Фестивал“ во Дојран, кој од оваа година се сели во Штип, овој туристички град не останува без музичка манифестација. Новиот летен фестивал „Дојран Д-фест“ ќе се одржи на 25-ти, 26-ти и 27-ми јули и ќе донесе нова енергија на дојранското лето со три сцени, камп зона и настапи од бројни домашни и странски изведувачи.

Фестивалот ќе се организира во соработка меѓу Општина Дојран и продукциската куќа „Висуал продакшн“ од Струмица, со која градоначалникот Анго Ангов веќе потпиша меморандум за соработка. Планот е партнерството да трае најмалку пет години, со цел фестивалот да стане препознатлив културен и туристички бренд на Дојран и регионот.

„Овој фестивал е душата на Дојран. Не припаѓа ниту на општината, ниту на кој било друг поединец – туку на сите љубители на музиката. Се надевам дека годинава ќе го посетат голем број посетители и ќе ја зацврстиме традицијата“, изјави градоначалникот Ангов.

Главната сцена ќе биде поставена на паркингот кај „Гранит“, а другите две сцени ќе се наоѓаат во градскиот парк, каде ќе има целодневна програма. Досега се потврдени настапите на Сенида, диџеј Мосел, диџеј Диволи, диџеј Никифор и диџеј Јоргос, а организаторите најавуваат дека во следниот период ќе бидат објавени и останатите изведувачи.

Со амбиција да прерасне во балкански фестивал, „Дојран Д-фест“ има за цел да ја продолжи и унапреди културната сцена во Дојран, нудејќи богата музичка програма, урбана атмосфера и уникатно летно доживување за сите генерации.

Можеби ќе ве интересира: