Во прв ред

Македонската рок група со ексклузивен албум: „Меморија“ го овековечи спектаклот во „Борис Трајковски“ на три плочи и две ЦД-а (Фото)

Вчера во 13.30 часот во еден од амфитеатрите на Универзитетот „Скопје“, групата „Меморија“ ја одбележа својата повеќедецениска кариера со издание какво што македонската сцена досега не видела – троен жив албум „Меморија 2024 Live“, снимен за време на спектакуларниот концерт во ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Станува збор за двоен формат – троен ЛП албум со 21 песна и двојно ЦД со 25 песни, кои го опфаќаат целиот концерт, вклучително и настапите на специјалните гости. Овој амбициозен проект беше дочекан со огромен интерес – речиси целиот лимитиран тираж е веќе распродаден, а публиката масовно ја поддржа промоцијата, присуствувајќи во голем број.

„Секогаш кога сакаме да баталиме сè, публиката не враќа на правиот пат и ни дава мотив да продолжиме уште посилно“, рече фронтменот Петар Георгиевски – Камиказа, кој откри дека само во првите денови стигнале над 80 нарачки за ЦД-то и над 30 за ЛП изданието.

Албумот е вистински раритет, не само за македонската туку и за регионалната музичка историја. Тоа е првиот македонски троен албум на винил плочи, издаден во соработка со студиото DADAC-SONY во Австрија и под етикетата на „КЛС продукција“. На плочите се сместени 21 од најголемите хитови на групата, додека на ЦД изданието, покрај нив, се вклучени и изведбите на специјалните гости.

Музички продуценти на албумот се Мите Димовски и Давор Јордановски, а за аудио-квалитетот се погрижи тон-мајсторот Евгениј Каревски. Извршната продукција ја потпишуваат Бошко Мангаровски и Христина Георгиевска, која воедно е авторка на визуелниот дизајн на изданието.

За време на вчерашната промоција, троен ЛП албум со 21 песна и двојно ЦД со 25 песни заедно со македонското знаме беа подготвени, спакувани и постхумно подарени на семејството на Тоше Поп-Симонов како награда (одолжување) за се она што овој познат македонски автор и композитор има направено за оваа наша легерндарна македонска рок група.

Особено емотивен момент и човечка димензија на проектот внесе гостувањето на Филип Николовски од Прилеп, лице со посебни потреби, кој настапи во песната „Само на добро нека е“. „Меморија“ му ги посвети сите награди, меѓу кои и признанијата за најдобар рок концерт и најдобра рок група на годината, доделени на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Во време кога физичките носачи на звук се враќаат во мода како вредни колекционерски предмети, „Меморија 2024 Live“ е повеќе од издание – тоа е печат на времето и емоциите што ги поврзуваат луѓето преку музика.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: