Во емотивна и достоинствена атмосфера, фолк легендата Гоце Арнаудов постхумно беше одликуван со наградата за животно дело на годинешното издание на „Фолк фест Валандово“, кое традиционално се одржува во салата „Јанко Узунов“. Наградата ја прими неговата сопруга, Силвија Арнаудова, која со солзи во очите и поклон пред неговата слика го прими ова големо признание. Публиката реагираше бурно и емотивно, а кога на видеобим се појави фотографија од Арнаудов, целата сала се исправи на нозе и со громогласен аплауз му оддаде почит.
„Тој со мерак пееше на овој фестивал и беше негово обележје“, истакнаа водителите на вечерта, Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев, нагласувајќи ја длабоката поврзаност на Арнаудов со оваа сцена.

Гоце Арнаудов, роден во Струмица на 19 август 1954 година, почина на 6 декември 2011 година. Остави зад себе огромно музичко наследство – над 200 песни и над стотина награди од домашни и меѓународни фестивали. Пет години по ред беше прогласуван за најпопуларна личност во Македонија, а во 2000-та година одржа спектакуларен концерт на градскиот стадион во Струмица пред околу 10.000 посетители.
Со ова признание, „Фолк фест Валандово“ уште еднаш ја потврди својата улога како чувар на македонската музичка традиција, оддавајќи му заслужена чест на еден од нејзините најголеми амбасадори.
Подготви: Андреја Андреевиќ
