Фестивали

Од национален бренд до локален хаос: Откако го уништи сјајот и го даде името, Општина Прилеп годинава со нови организатори ќе го враќа „Пивофест“

Некогаш фестивал кој гордо ги отвораше вратите на летната сезона со десетици илјади посетители, пиво во рака и големи музички имиња на сцена, „Пивофест“ денес е сенка на самиот себе. Последните неколку години беа доволни за да се уништи еден од највредните културно-туристички брендови во Македонија. И сега, по години молк, манипулации, па дури и игнорирање на медиумите кои го создаваа тој сјај, одеднаш – сите сакаат „да го вратат“.

Но, како се враќа нешто што сте го оставиле да умре?

2025 е изборна година. И одеднаш, магично, Општина Прилеп и новите организатори (Vibe Event) одлучуваат дека токму оваа година треба да се врати „стариот сјај“ на „Пивофест“. Која случајност, нели? Во една земја каде што културата ретко е приоритет, а фестивалите се користат како параван за политичко поентирање, ова не е ништо ново. Градоначалникот Борче Јовчески, чии денови на функцијата полека но сигурно истекуваат, сега ја игра улогата на спасител.

Но зошто токму сега? И зошто со организатори кои според неофицијални извори се спорни и чие избирање е сѐ освен транспарентно?

Порталите и медиумите кои со години биле партнери на фестивалот, известувале и документирале сѐ – од златниот сјај до задкулисните приказни – беа исклучени од процесите во последните неколку години. Намерно или по инерција, не беа поканувани на прес-конференции, а нивниот придонес беше избришан со гума од некој што денес повторно вика: „Ајде да го вратиме Пивофест“.

Како медиуми, ние не сме само логистика за објави. Ние сме хроничари на времето, совеста на јавноста. Ако некогаш вредевме, вредиме и сега. Ако тогаш не не’ признававте, зошто мислите дека денес ќе молчиме?

Фестивалот не е само датум во календарот. Тоа е бренд, емоција, традиција и денес правно заштитено име. А токму тоа име, според неофицијални извори, поради незаинтересираноста на Општина Прилеп и Градоначалникот Јовчески е дадено за „ич пари“. Па сега, кога новите организатори и општината најавуваат и им текна на негово „воскреснување“, се поставува логичното прашање – дали воопшто имаат право да го користат она старо и препознатливо име кое некогаш ечеше низ Балканот – „Пивофест“? Одговорот е едноставен – НЕ.

„Господ нека ви е напомош“ – рече некој саркастично. Но наместо молби кон небото, време е за нешто друго: одговорност, транспарентност, почитување на културното наследство и ангажман на луѓе што вистински знаат што значи „Пивофест“. Не за да се сликаат покрај бината, туку за да стојат зад неа, да го создадат тој сјај што го барате на погрешен начин, во погрешно време, со погрешни мотиви.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: