Младата поп-пејачка Мелани Тарчуловска го промовираше својот нов сингл „Шах-мат“ – четврта авторска песна по ред, со која продолжува да го гради својот уникатен музички израз, спојувајќи елементи од поп, латино трап и аренби.
„Сите мои песни се со брз ритам и модерен звук. ‘Шах-мат’ зборува за луѓето кои се враќаат кога е веќе доцна и за оние со повеќе лица. Песната не е посветена на некој конкретен, туку е реализација на идеја што долго ја носам во себе – младинска порака дека животот е прекраток за озборувања и негативност. Време е некогаш ние да кажеме ‘доста е’ – или едноставно, ‘шах-мат’“, вели Мелани, која гордо стои зад текстот и музиката.
Песната е продуцирана и аранжирана од Андреј Ник (Андреј Николов), а видеото е снимено во екстремни временски услови од тимот на „Солушн Плус“ и Били Д. Визуелниот израз го надополнува силниот став што младата уметница го носи преку песната.
Мелани веќе ја доби поддршката од публиката, но и од нејзината мајка – познатата пејачка Калиопи, чии хитови живеат и преку новите генерации. Ремиксот на легендарната „Во бело“, исто така во продукција на Андреј Ник, беше идеја токму на Мелани, која сакаше младата публика да ја слушне песната во модерен, техно аранжман.
Со „Шах-мат“, Мелани уште еднаш докажува дека младите жени на музичката сцена можат и знаат како да се изразат – храбро, јасно и креативно.
Текстот го подготви: Влад Петров
