Премиера

„Зоки Фаци“ – документ за човекот што ја напиша историјата на македонското шоу-биз новинарство (Видео)

Во продукција на Лазаров продукција, пред само неколку дена на YouTube каналот на Стефан Лазаров премиерно беше објавен документарниот филм „Зоки Фаци“, посветен на неодамна починатиот Зоран Василевски – Фаци, една од највлијателните личности во историјата на македонското естрадно новинарство.

Филмот, снимен со многу љубов, почит и емотивна искреност, претставува сведоштво за животот, делото и огромното влијание кое Зоки го имаше врз домашната медиумска сцена. Низ внимателно избрани архивски видеа, делови од емисиите кои самиот ги уредуваше и водеше, како и искрени сведоштва од бројни јавни личности и блиски пријатели, гледачите добиваат интимен и човечен портрет на човекот кој не само што ги следеше и пренесуваше случувањата од естрадата, туку и ја создаваше таа сцена со својот пристап, харизма и страст.

Во време кога шоу-биз новинарството сѐ повеќе исчезнува од медиумскиот простор во Македонија, документарецот потсетува на значењето на професионалноста, стилот и емоцијата кои Зоки Фаци ги внесуваше во секоја своја емисија, интервју или текст. Тој беше новинар кој ги познаваше луѓето зад имињата, срцата зад славата – и умееше тоа да го долови со зборови и камера. Особено емотивни се моментите од подкастите кои Зоки Фаци ги правеше заедно со Стефан Лазаров – разговори во кои низ смеа, хумор, но и сериозни теми, можеше да се почувствува колку Фаци беше присутен, релевантен и сакан сѐ до последниот ден.

Ова не е само филм. Ова е оддавање почит на човек кој остави трајна трага, учител и пријател, неуморен борец за вистинска естрадна култура. Филм кој ќе ве насмее, расплаче и натера да размислите – колку малку луѓе остануваат, а колку многу значат.

DOKUMENTAREN FILM ZA ZORAN VASILEVSKI FACI!

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: