Во прв ред

Од 19 до 29 август: Богата програма за сите генерации на „Карпошово културно лето“

Од 19 до 29 август, Општина Карпош ќе биде домаќин на традиционалната манифестација „Карпошово културно лето“, која и годинава нуди разновидна програма и настапи на врвни домашни уметници од различни области – музика, поезија, танц, театар и филм.

Манифестацијата започнува во вторник, 19 август, во 20 часот, на платото кај Млечен ресторан, со концерт на македонски поп хитови. Ќе настапат реномирани и млади пејачи: Зорица Поп Панкова, Драган Мијалковски, Сашо Гигов-Гиш, Џон Илија Апелгрен, Тања Тас и Ана Петановска, во придружба на оркестарот на Радио „Бубамара“ под диригентство на Дамир Имери.

Културните вечери ќе се одржуваат на различни локации во општината:

  • Плато кај Млечен ресторан
  • Двор на црквата „Света Троица“ во Бардовци
  • Тревникот кај кулите во Козле
  • Летна сцена кај карпата на кејот на Вардар

На 28 август, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, ќе се одржи голем фолк концерт со настапи на Наум Петрески, Ефто Пупиновски, Зуица Лазова, Ленче Кукиќ, Благоја Грујовски, Смиља Митревска и други, во придружба на оркестарот на радио „Бубамара“.

На платото кај Млечен ресторан ќе се претстават:

  • мултиинструменталистот Александар Јовевски со новиот албум „Од колено на колено“
  • хармоникашот Мишел Трајковски со неговиот оркестар
  • Ансамблот на Стевче Стојчевски, кој по 40 концерти низ светот, во Карпош ќе го претстави проектот „МакЕдинство“, посветен на изворните песни и ора

Ќе бидат организирани и две танцувачки вечери со настапи на клубовите „Денсерс Јунајтед“ и „Еурека“, чиј членови се европски и светски шампиони во латино танци, хип-хоп и модерни танци.

Посебна уметничка вечер ќе понуди АКУД „Мирче Ацев“, со настап на академскиот хор и играорната група.
Ќе се одржи и поетско-музичка вечер „Волкот на љубовта“ со Тихомир Јанчовски и Бранислав Николов („Фолтин“) и специјално гостување на Андријана Јаневска, на летната сцена кај карпата на кејот. Во рамки на „Карпошово културно лето“ ќе биде отворена и изложбата „Капка уметност“ на уметницата Елена Галика, на платото кај Млечен ресторан. На тревникот кај кулите во Козле, љубителите на филмот ќе имаат можност да го проследат „Летното кино“, кое оваа година го прикажува антологискиот филм на Милчо Манчевски – „Пред дождот“.

Иако првично беше најавено за 18 август, поради најавено невреме, отворањето на манифестацијата е одложено за 19 август.

Можеби ќе ве интересира: