Манифестацијата „Кумановско културно лето“ годинава се одржува по трет пат, а целата програма ќе биде на Градскиот плоштад. Во период од шест дена, Куманово ќе живее во ритамот на фолклорот, хуморот, рок музиката, тамбурашките звуци, ромската труба и хип-хопот.
Вечерва започна Меѓународниот фолклорен фестивал во организација на КУД „Панче Пешев“. Фестивалот ќе трае до среда и ќе биде отворен со дефиле низ центарот на градот, а продолжува со голем концерт пред Центарот за култура. На сцената ќе настапат ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Србија, Романија, Полска и Мексико. Настанот се одржува под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам.
Во четврток, на Градскиот плоштад ќе се одржи Фестивалот на хумористична песна „Тумба фест“, кој почнува во 20 часот. Ќе настапат 18 изведувачи, меѓу кои Нино Величковски, Коста Наумовски, Јованка Јо, Ѓоко Ѓорчев, Катерина Брезева и Соната, Ташко Георгиевски и други. Вечерта ќе ја водат Кети и Горан Илиќ.
Истата вечер, од 22 часот, следува Рок-фестот „Епска песна“ (Knga epik), на кој ќе бидат претставени осум преработки на песни во рок и метал стил. По нивната промоција, ќе настапи познат бенд од албанската рок-сцена.
Во петок во 20 часот, Куманово ќе биде домаќин на Тамбурашкиот фестивал, кој оваа година ќе трае една вечер. Ќе настапат Тамбурашкиот оркестар „Табиет“ од Свети Николе, КУД „Гусле“ од Кикинда и оркестарот на Бранко Бако Јовановиќ со интернационални музичари. Во сабота е закажано јубилејното 20-то издание на фестивалот „Туба фест“, кој традиционално ги собира најдобрите ромски трубачки ансамбли. Последниот настан од програмата е хип-хоп фестивалот „Тумсток“, кој ќе се одржи во недела од 20 часот. На сцената ќе настапат локални артисти, како и познатите Пајак, Таско и Чомбе.

За одржување на петте главни настани, Општина Куманово одвои 2 милиони денари. Најмногу – по 450.000 денари се издвоени за Тамбурашкиот фестивал и „Туба фест“, по 400.000 денари за „Тумба фест“ и „Тумсток“, а за Рок-фестот се одвоени 300.000 денари, плус дополнителни 170.000 денари од Министерството за култура.
Организатор на манифестациите е Фондацијата за култура и спорт. Од 27 јуни оваа институција има нова в.д. директорка – Сања Давидовиќ, дипломиран етнолог и долгогодишен стручен соработник за култура и културно наследство. Таа ја наследува функцијата од Марио Арангеловски, на кој му заврши мандатот.
„Многу добро ја познавам работата, бидејќи веќе повеќе од десет години сум дел од Фондацијата. Ќе продолжам со истиот интензитет во организацијата на настани и фестивали, а ќе реализираме и нови проекти за збогатување на културниот живот во Куманово“, изјави таа.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
