Македонската поп – рок пејачка Дани Димитровска заедно со уште неколкумина колеги од Египет, Турција и Тунис снимаат документарец во Каиро. Насловот на документарниот филм е “Partnership for change”. Дани, заедно со Сами Шеик, актер од Египет, турскиот пејач Кораи Кандемир, туниските бендови Гарбис и Си лемхаф, како и диџејот Реми од Египет се “Y-Peer” амбасадори, луѓе кои се залагаат за човековите права, за правата на децата, за подигнување на свеста за раната тинејџерска бременост, за превенција и заштита од ХИВ, за правото на избор, за слободата на говор.
Во фокусот на документарецот се нивните долгогодишни заложби, сфаќања, мотиви и инспирација. Покрај работата на овој високобуџетен документарец, Дани е “senior trainer” и во моментов држи тренинзи на новите пејачи од арапскиот регион кој се приклучуваат на “Y-Peer” мрежата, како поддржувачи и верувачи кои делат ист сон. Дани од Каиро се враќа кон крајот на овој месец, за да веднаш започне со снимањето на синглот кој ќе го најави албумот што следува.
Подготви: Марија Поповска
